Индексот на цените на храната во февруари годинава во просек изнесуваше 129,8 поени, што претставува маргинално намалување од 0,6 отсто во споредба со јануари. Сепак, со тоа продолжува трендот на намалување на цените, кој трае веќе 11 месеци. Со последниот пад, индексот се намали за 29,9 поени (18,7 отсто) од пикот што го достигна во март 2022 година
Индексот на цените на житните култури во просек изнесуваше 147,3 поени во февруари годинава, што претставува незначителен пад од 0,1 отсто во споредба со јануари. Во споредба со ланскиот февруари, цените се повисоки за 2 поена (1,4 отсто). По тримесечен пад, глобалните цени на пченицата во февруари се зголемија за 0,3 отсто.
Во февруари годинава индексот на цените на растителните масла во просек изнесуваше 135,9 поени, што е намалување за 4,5 поени (3,2 отсто) на месечно ниво. Тоа е најниското ниво на цените на растителните масла од почетокот на 2021 година. Падот беше поттикнат од пониските цени на палминото, соиното, сончогледовото и маслото од маслодајна репка на глобално ниво.
Минатиот месец индексот на цените на млекото и на млечните производи во просек изнесуваше 131,3 поени, што е намалување за 3,6 поени (2,7 отсто) во споредба со еден месец претходно и за 10,2 поени (7,2 отсто) помалку од февруари минатата година. Февруарскиот пад беше поттикнат од пониските цени на сите млечни производи, а најсилен пад забележаа путерот и обезмастеното млеко во прав.
Индексот на цените на месото* во просек изнесуваше 112 поени во февруари годинава, што претставува маргинално намалување (0,1 поен и 0,1%) во споредба со јануари. На ова ниво цените се за 1,9 поени (1,7 отсто) под вредноста пред една година.
Февруарскиот индекс на цените на шеќерот во просек изнесуваше 124,9 поени, што е за 8,1 поен (6,9 отсто) повеќе од јануари. Ова е највисоко ценовно ниво од февруари 2017 година. Порастот во февруари е поврзан со надолната ревизија на прогнозата за производство на шеќер во Индија за сезоната 2022/23 година.
* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и забележаните цени.
Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.
Се вчитува следна вест...