Свет

„Слоу фуд Македонија“ на „Тера Мадре“ во Торино

20 Sep 2022

Повеќе од 130 земји и 700 изложувачи на храна ќе бидат присутни на најголемиот и најинтересниот глобален настан посветен на земјоделството, храната и гастрономијата наречен „Тера Мадре Салон дел Густо“ во Торино, Италија.

Од 22 до 26 септември во регионот Пиедмонт и градот Торино под мотото „Време е за регенерација“, „Слоу фуд Македонија“ ќе се претстави со своите репрезентативни и автентични производи, президиуми, работилници и презентации.Во павилјон од 100 метри квадратни со организирана кујна, сала и саемски изложбен простор ќе се прикаже традиционалното гастрономско благо - преку вкусната храна и гастрономските специјалитети карактеристични за нашата земја, инфромираат од „Слоу фуд Македонија“.

Во неколкуте дена „Слоу фуд Македонија“ преку своите членови ќе ја претстави татковината низ многубројни презентации, локалните производи, работилници, информативни дебати: „Арката патува низ македонските планини, долини и езера“, потоа, дегустации на автентични македонски производи на кои им се заканува опасност од исчезнување. 

Овчеполското јагне, најпознат извозен бренд во Италија, во организација на земјоделската задруга „Еко Овчеполка“ ќе биде дегустиран и оценуван секој ден.

Следат и презентација на првото издание на Водичот Slow Wine и дегустација на одбрани вина, потоа – „Училишните градини- зелени училници на иднината“, „Новите дечки на стариот занает“ – преку традиционалните и иновативните дестилати и уште нешто од традиционалното: во Торино ќе се сучи охридскиот комат. Многубројните посетители и сите учесници на саемот ќе можат да ги вкусат јадењата карактеристични за македонската кујна: тавче гравче, пинџур, ајвар, тикварник, домашен леб … што ќе ги подготвуваат готвачите од македонската Алијанса на „Слоу фуд“. .

Саемот „Тера Мадре“се организира на секои две години. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...