Свет

Првпат во историјата: Светската трговска организација доби жена за директорка

16 Feb 2021

Светската трговска организација (СТО) ја назначи Нигеријката Нгози Окоњо-Ивеала за нов генерален директор на таа институција. Тоа е првата жена, но и Африканка, која е на таа функција.

По неколкумесечно блокирање на процесот од страна на претходната американска администрација, претседателот на САД Џо Бајден ја отстрани главната пречка за назначување на Нгози Окоњо-Ивеала на чело на СТО на 5 февруари.

Таа е економистка и експерт за меѓународни финансии и развој и се смета за квалификуван преговарач и градител на консензус, со искуство собрано во Африка, Азија, Европа, Латинска Америка и Северна Америка.

Окоњо-Ивеала помина 25 години како економист за развој во Светска банка, при што таа брзо се искачи по скалилата и стана извршен директор за операции. Беше предводник на неколку иницијативи на Светска банка за помош на земјите со ниски примања, како за време на кризата со храна, така и при финансиската криза), генерирајќи повеќе од 40 милијарди долари за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).

Окоњо-Ивеала двапати беше министер за финансии на Нигерија (2003-2006 и 2011-2015) и кратко работеше како министер за надворешни работи во 2006 година. Таа беше првата жена во Нигерија која била на двете позиции.

Како министер за финансии, Оконњо-Ивеала спроведе сеопфатна програма за економски реформи што ја стабилизира макро-економијата на најнаселената африканска земја, тројно ја зголеми стапката на економски раст и поттикна поголема фискална транспарентност за борба против корупцијата.

Нигеријците ја сметаат Окоњо-Ивеала за жената што ја спаси осакатената економија на нивната земја.

Таа се стекна со диплома за економија на Универзитетот Харвард (1976), дипломирајќи со високи почести (Magna Cum Laude) , докторат одбрани на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) и има 15 почесни дипломи од универзитети низ целиот свет.

Окоњо-Ивеала е автор на бројни книги и статии за финансии и економија. Транспаренси Интернешнл ја прогласи за една од осумте инспиративни борци против корупција во 2019 година, додека списанието „Fortune” ја нарече една од 50-те најголеми светски лидери во 2015 година.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...