Како резултат на зголемената популација во градовите, иноваторите бараат нови начини за одгледување храна, со помала потрошувачка на природните ресурси. Едно од решенијата што се воведуваат низ целиот свет се вертикалните фарми, на кои земјоделските култури се произведуваат на неколку нивоа, најчесто во контролирана средина.
Најголемата вертикална фарма во Европа е отворена во главниот град на Данска, Копенхаген, а во неа се одгледуваат зелена салата, зачински билки и кељ. Зеленчукот се одгледува на 14 ката, кои се протегаат од подот до покривот, а планот е да се бери 15 пати годишно, и покрај фактот што не расте на земја и не добива сончева светлина. Овој систем зафаќа помалку простор во споредба со традиционалното одгледување, а растенијата ќе растат со помош на ЛЕД-светлина.
Вертикалната фарма се простира на 7.000 квадратни метри и е резултат од соработката меѓу „Нордик харвест“ и тајванската групација „Јес хелт“. Целта е годишно производство на 1.000 тони зеленчук. Од компаниите велат дека за две години планираат да одгледуваат овошје, а за пет до десет години и коренест зеленчук.
Овие урбани фарми не се добредојдени за земјоделците, кои меѓу другото, ја критикуваат големата потрошувачка на електрична енергија што е потребна за овој вид одгледување.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.