Регион

Србија: „Делез“ го отвори новиот дистрибутивен центар во Добановци

20 Aug 2024

Компанијата „Делез“ – Србија го отвори својот втор дистрибутивен центар во Добановци со кој ќе се унапреди процесот во синџирот на снабдување.

Новиот логистички центар, со површина од 42.000 квадратни метри, работи во рамките на паркот „ВГП Белград“ и е темелен  ресурс за идното проширување на компанијата. Во овој стратешки објект ќе бидат инвестирани повеќе од 43 милиони евра со посебен акцент на примената на најсовремените зелени технологии и заштитата на животната средина.

Новиот дистрибутивен центар е еден од најсовремените логистички капацитети во земјата, кој ќе помогне за понатамошно подобрување и проширување на услугата што ја обезбедува „Делез“ - Србија со широк асортиман, квалитет на производи и пристапни цени. Користењето на овој ресурс, покрај дистрибутивниот центар во Стара Пазова и специјализираниот магацин за онлајн купување во Бежанијска коса, ќе овозможи уште побрзо, поцелосно и поефикасно снабдување на повеќе од 530 продавници на „Макси“, „Мега Макси“ и „Шоп & Го“ низ Србија. 

 Отворањето на новиот дистрибутивен центар е уште еден доказ за нашата посветеност за проширување на домашниот пазар и инвестирање во најсовремена логистика, како клучен сегмент од ефикасното функционирање на нашата малопродажна мрежа. Тоа е важен чекор во растот и развојот на компанијата. Овој центар ја симболизира нашата посветеност на иновации, модернизација и подобрување на услугите на клиентите низ цела Србија, во која најдовме доверлив партнер во компанијата „ВГП“. Посебна благодарност за добриот почеток со работа им должиме на 270 колеги кои секојдневно се таму за овој логистички центар да ја оправда својата улога како еден од најдобрите на пазарот, изјави Горица Јововиќ, генерална директорка на „Делез“ -  Србија.

Дистрибутивниот центар во рамките на паркот „ВПГ“ во Добановци е модерен логистички центар кој ги комбинира модерните логистички технологии и одржливиот развој. Обработува и дистрибуира повеќе од 2.600 различни производи, за кои е обезбеден капацитет на полица од повеќе од 35.000 места за палети. Составен дел на новиот дистрибутивен центар е најсовремениот објект за зреење банани, кој се простира на повеќе од 5.000 квадратни метри.

„ВГП Парк Белград“ има стратешка локација во близина на главниот град и само 4 километри оддалечен од меѓународниот аеродром. Вкупната површина на постоечките и планираните згради ќе надмине 450.000 квадратни метри. Географската положба и местоположбата на „ВГП Парк Белград“ овозможи оптимално поврзување со клучните патишта во земјата, што значително придонесува за ефикасноста на дистрибуцијата и го скратува времето на транспорт за околу 250 камиони со стока што секојдневно излегува од центарот.

Современиот логистички центар, меѓу другото, ќе биде опремен со соларни панели, а моментално содржи полначи за електрични автомобили, најмодерна станица за полнење батерии со технологија за претовар и автоматско перење камиони. Цврстата посветеност на компаниите „Делез“ и „ВГП“ за зачувување на животната средина и промовирање на зелените технологии е потврдена со добиениот сертификат „Бреам екселент“, кој гарантира усогласеност со високите стандарди за одржливост на зградите. Тоа подразбира максимална енергетска ефикасност, квалитет на внатрешен простор, одговорно управување со водата и отпадот.

Отворањето на дистрибутивниот центар го поздрави и генералниот директор на „ВГП“, Јан Ван Геет. 

Извор: Instore.rs

Фото: „Делез“ – Србија



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...