„Атлантик група“ во првите шест месеци од 2023 година забележа приход од продажба во износ од 459,7 милиони евра, што во споредба со истиот период од минатата година претставува пораст од 15,8%.
Од компанијата соопштуваат дека добивката пред камати, даноци и амортизација (ЕБИТДА) останала на нивото на првото полугодие од минатата година и изнесува 44,4 милиони евра, додека нето-добивката е пониска за 5,5% и изнесува 20,9 милиони евра.
Во првото полугодие на 2023 година „Атлантик група“ оствари голем пораст на продажбата во сите бизнис и дистрибутивни области, како и на сите важни пазари. Порастот во голема мера го компензираше негативното влијание и високите цени на суровините и амбалажниот материјал, логистичките и другите услуги и енергенси, истакна Емил Тедески, претседател на Управата. Тој додава дека на благиот пад на профитабилноста влијаел и значителниот пораст на трошоците за персоналот, што е последица на зголемувањето на платите во текот на изминатата година. Особено сме задоволни од зајакнувањето на дистрибутивните темели преку проширување на принципалската мрежа во Словенија, како и со отворањето на модерниот деловен центар во Северна Македонија, перспективниот пораст во категоријата кафе на пазарот на Србија и резултатите од лансирањето на нови производи.
Најголем пораст од 32,2% е остварен во стратешката бизнис област (СБО) слатко и солено, чии водечки брендови се Smoki и Najlepše Želje, како резултат на оптимизацијата на асортиманот, зголемените маркетиншки активности и успешното лансирање на нови производи. Потоа следува СБО пијалаци, со носечкиот бренд Cedevita и пораст од 20%, и Donat со пораст од 15,7%. Од дистрибутивните области предничи Хрватска со пораст од 19,8%, Србија со 19,1% и Северна Македонија со 18%.
Во вкупната продажба на „Атлантик група“, принципалските брендови учествуваат со 27,5%, медицинскиот синџир „Фармација“ сочинува 9,2% од вкупниот пораст, додека сопствените брендови сочинуваат 63,3% од вкупната продажба. Кафето, со удел 20,4% во вкупниот приход од продажба, се истакнува како најголема поединечна категорија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.