Регион

Прв меѓународен саем „Винска визија Отворен Балкан“ во септември во Белград

28 Jul 2022

Првиот меѓународен саем за вино ќе го организираат земјите-партнери, основачи на иницијативата Отворен Балкан – Србија, Македонија и Албанија, во Белград од 1 до 4 септември.

Овој настан што ќе се одвива на Белградскиот саем ќе биде идеална можност за производителите на вино и винариите од целиот регион да се претстават пред најшироката публика и со тоа да обезбедат уште поголема видливост на пазарот. Исто така, ова е можност за сите изложувачи да се сретнат, да ги споделат своите искуства и да се поврзат со дистрибутери и претставници на комплементарни индустрии.

Саемот на уникатен начин ќе ги вкрсти винските патишта на Балканот и ќе ги собере најдобрите производители на вино во регионот, а ќе се организира под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија како дел од иницијативата Отворен Балкан, соопштуваат од Белградскиот саем.

Целта на саемот е да се прослави врвната изработка на мајсторите во производството на најдобрите вина и да се промовира единствен спој на вкусови и мириси кои го претставуваат духот на самиот Балкан, неговата географија и богатството на сорти, како и менталитетот на оние кои на посебен начин уживаат во вината од оваа и другите региони.

Како што е наведено на веб-страницата на Стопанската комора на Србија (ПКС), осмислена е богата програма која вклучува саемски натпревар Open Balkan Wine Trophy 2022, професионални состаноци од различни формати, мастеркласи, разговори за потенцијалот на винската индустрија на Балканот, можности за зголемено учество на светските пазари, како и B2B состаноци на кои на производителите ќе им се даде можност да го прошират својот бизнис, да воспостават нови и да ги зајакнат постоечките деловни контакти.

За време на овој саем, Белград ќе ги собере најеминентните винари, лозари, мајстори на визби, енолози, сомелиери и трговци со вино, како и изложувачи од најпознатите европски и светски винарии. Ќе има и дистрибутери и трговци на вино од целиот свет.

Заедничкиот настап на регионот во извозниот бизнис на „трети пазари“, меѓусебната соработка и инвестициите во нови производствени капацитети дополнително би можеле да ги позиционираат членките на Иницијативата Отврен Балкан на светската мапа на вински турнеи, се наведува на веб-страницата на ПКС.

Србија во текот на минатата година 17 отсто од вкупниот извоз на вино го има пласирано на пазарот на ЕУ, а во Русија се извезени 5,5 милиони литри вино, што е 32,5% од вкупната количина на извезено вино.

 

Најголем увоз е забележан од Северна Македонија и земјите од ЕУ, од каде Србија откупила 40% од вкупниот увоз на вино.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...