„Белје плус“, членка на групацијата „Фортенова“, и „Мегле“- Хрватска потпишаа договор за купување и продажба на имотот на млекарницата „Мегле“ во Осиек.
Како што беше најавено, со купувањето на недвижниот имот и набавката на производствената линија на „Мегле“, „Белје“ има намера да почне сопствено производство во Осиек од 1 јануари 2021 година, воедно зачувувајќи ја долгата традиција на производство на млеко во тој дел на Славонија.
Исто така, со почнување на производството во Осиек, Белје ќе купи одредено количество млеко од сегашните подизведувачи на „Мегле“. Сè уште се проценуваат потребите за вработените, но се очекува вработување на околу 100 лица, се наведува во соопштението.
Покрај тоа, групацијата „Фортенова“ веќе произведува околу 10% од вкупното количество на млеко произведено во Хрватска, што е околу 5% од домашните потреби. Поголемиот дел од млекото, кое се произведува во „Белje“, се користи за производство на крем-сирење АБЦ, чие годишно производство е на ниво од 3.700 тони.
Задоволни сме од постигнатиот договор и заклучувањето на продажбата на имотот на „Мегле“ во Осиек и одлуката на „Белjе“ да го продолжи производството на таа локација по нашето повлекување. Откако донесовме конечна одлука за прекинување на производството во Хрватска, ние се потрудивме да најдеме купувач за нашиот имот. На тој начин обезбедивме што поголем број наши вработени да останат на работа по 31 декември, а истовремено им овозможивме на нашите подизведувачи континуирано да откупуваат млеко. До крајот на годината, „Мегле“ ќе продолжи со процесот на преструктуирање на својот бизнис, во согласност со договорот што го постигнавме со синдикатите, со навремено и целосно исполнување на сите обврски, изјави Марјан Вучак, претседател на Управниот одбор на „Мегле“ - Хрватска.
Групацијата на „Фортенова“ континуирано работи на понатамошно зајакнување на вредноста и зајакнување на портфолиото на своите брендови. За да ги искористиме сите потенцијали, еден од најсилните регионални брендови и нашите производи за извоз, свежо крем-сирење АБЦ, на „Белjе“ му беа потребни дополнителни производствени капацитети, така што повлекувањето на „Мегле“ ни овозможи да ги обезбедиме за кратко време. Со фабриката во Осијек обезбедивме предуслови за развој на нови производи со висок квалитет од домашни суровини. Со овој чекор, ние продолжуваме да работиме на зачувување и растење на домашното земјоделско производство, истовремено заштедувајќи го постојното и создавајќи нови работни места, што е исклучително важно за Славонија и заедницата воопшто. Оваа трансакција е целосно финансирана од деловно работење, рече Фабрис Перушко, извршен директор на групацијата „Фортенова“.
Преземањето на средствата на „Мегле“ и развојот на нови производи може да бидат дополнителен поттик за малите производители во Хрватска да инвестираат во фарми за млечни производи со цел да се зголеми вкупното количеството на произведено млеко. Ова секако би имало позитивен ефект врз промените на трендовите, откако оваа година во Хрватска конечно го запре долгорочниот пад на производството на млеко, рече Андреј Дин, претседател на Управниот одбор на „Белје“.
Според изјавата, трансакцијата ќе се изврши откако ќе се добијат сите потребни регулаторни одобренија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.