Регион

Тедески: „Атлантик група“ се покажа отпорна на кризи

27 Oct 2020

„Атлантик група“ покажа високо ниво на стабилност во текот на првите 9 месеци од годинава, и покрај економските превирања предизвикани од пандемијата на Ковид-19.

Како што соопштуваат од компанијата, приходите од продажба изнесуваат 518,3 милиони евра, што е за 3,1% помалку од приходите во 2019 година. Сепак, кога ќе се земат предвид деловите од бизнисот што во меѓувреме беа деинвестирани, приходот останал на истото ниво како и во првите 9 месеци минатата година.

Заработката пред камати, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 78,1 милиони евра и е пониска за 7,7%, додека без еднократните ставки е повисока за 2,4%. Нето-добивката изнесува 41,2 милиони евра и без еднократни ставки е повисока за 5,6% во споредба со првите 9 месеци од 2019 година, додека номинално е пониска за 12,7%.

„Атлантик група“ се покажа отпорна на кризата, пред сè благодарение на квалитетната стратегија, разновидното портфолио и исклучителната посветеност на целиот систем. Иако неизвесноста е исклучително голема, верувам дека силата на нашите брендови, способноста и посветеноста на вработените, стабилната финансиска позиција и рекордно ниската задолженост ќе ни овозможат да продолжиме во оваа насока, изјави Емил Тедески, претседател на Управниот одбор на „Атлантик група“.

Тој додава дека приоритетите остануваат исти: Одржување на позитивен билтен за здравјето на вработените, обезбедување непречена работа на производството, континуирано снабдување на клиентите и потрошувачите, како и општествена одговорност во најширока смисла.

Најголем пораст на приходите од продажба во првите 9 месеци постигнаа деликатесните намази Argeta, кој изнесуваше 14,5%. Следува медицинскиот синџир „Фармација“ со пораст од 3,7% и Donat Mg со пораст од 3,2%.

Со 106,9 милиони евра приход од продажба, што е 20,6% од вкупниот приход, кафето се издвојува како најголема индивидуална категорија. Во првите 9 месеци категоријата забележа благ пад од 1,9%, пред сè, поради значителниот пад на потрошувачката во каналот угостителство.

Од пазарите, најзначителен пораст остварија клучните западноевропски пазари, вклучително и Австрија како најголем меѓу нив, а пораст беше забележан и на пазарите Словенија, Македонија и Косово.

Во вкупната продажба, сопствените брендови на „Атлантик група“ сочинуваат 64,1%, а брендовите на принципалите во дистрибуцијата се со удел од 27%. Синџирот „Фармација“ сочинува 8,9% од вкупниот приход.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...