Селектирањето на отпадот и грижата за животната средина во која сите заедно живееме, почнува од секој од нас. Никој друг не може да го земе пластичното шише од вашиот дом и да го фрли во контејнерот за селекција освен вие самите, а вашиот избор не е само ваш, туку и избор за тоа како ќе живеат вашите деца, порачуваат од „Пакомак” од каде упатуваат совети за правилно селектирање отпад.
Во спротивно, посочуваат, стаклениот, пластичниот и хартиениот отпад завршуваат на депониите кои имаат ограничен капацитет, каде скапуваат и ги загадуваат водата, воздухот и почвата во која ја растеме храната за нас и нашите деца.
Животната средина е местото каде што постоиме, се движиме, работиме, дишеме. Таа е основна човекова вредност и право, кое сме должни да го заштитуваме и унапредуваме. Заштитата на животната средина е темелна вредност дури и на уставниот поредок на нашата држава. Имаме право на чиста животна средина, но што е со нашите должности кон истата?, соопштија од „Пакомак”.
Оттаму појаснуваат дека заштитата на животната средина во Македонија претставува еден од најголемите предизвици на денешницата. Таа е, како што велат, наша должност, а негрижата за истата директно ни влијае на сите нам, кои од неа ги црпиме ресурсите кои ни се потребни за живот – вода, храна, воздух…
Според „Пакомак”, овие ресурси не се лесно обновливи, а се лесно уништливи. Затоа, селекцијата на отпадот е огромно олеснување.
Секој би требало да има на ум дека со заштитата на животната средина – се штити себеси. Кога ќе ја достигнеме свеста дека е неопходно да ја чуваме околината во која живееме, парковите, игралиштата, излетничките места, шумите, езерата и живиот свет, ќе сфатиме дека само така го зачувуваме сопственото здравје. Посебно сега, кога контејнери за селекција има во секоја населба и во секој поголем маркет, ја имате можноста да бидете промената што сакате да ја видите во општеството. Потребен е минимален напор да се селектира отпадот, а разликата е огромна, истакна Ико Брдароски оперативен директор во „Пакомак”.
Како што посочуваат од „Пакомак”, во жолтиот контејнер за пластика да се фрлат пластичната амбалажа и лименките. Тука спаѓаат и шишињата од детергенти, омекнувачи, оцет и масло. Во зелениот стаклените амбалажи од шишиња и тегли.
Во синиот контејнер за хартија фрлете ги амбалажите од хартија. Тука спаѓа и тетрапак отпадот, како пакувања од млеко, сокови, сосови… А доколку имате поголема количина на амбалажен отпад во вашиот дом, повикајте ги службите на локалното јавно претпријатие да ја превземат. Заедно, да бидеме промената што сакаме да ја видиме во општеството и да изградиме подобра и почиста иднина за нашите деца, се наведува во соопштението на „Пакомак”.
ПРЕТХОДНО
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.