Македонија

Дури 60 отсто граѓани кои купувале преку интернет не се задоволни од производот

27 Aug 2020

Истражувањето на Организацијата на потрошувачи на Македонија(ОПМ) покажува дека во време на пандемија граѓаните на земјава сè почесто се одлучуваат на е-трговија. Податоците велат дека 55 отсто од вкупниот број на потрошувачи се одлучиле за онлајн купување, додека 45 отсто од испитаниците не сакаат да го напуштат традиционалниот начин на пазарување, пренесе Денар. 

Дури 60% од потрошувачите кои што се одлучиле за онлајн купување на производи, се соочиле со некаков проблем. 40 отсто пак се изјасниле дека немале никаков проблем при онлајн купувањето. Голем процент од потрошувачите кои што се изјасниле дека се соочиле со проблем при онлајн купувањето, односно 26% од нив имале проблем со несоодветниот квалитет на производот, а на 16% од испитаниците производот им бил испорачан надвор од предвидениот рок во договорот со продавачот. 14% од испитаниците немале начин да го вратат производот и да си ги вратат платените пари, поради тоа што не можеле да воспостават контакт со продавачот, односно поради неговата недостапност.

Според резултатите, на 13% од потрошувачите купениот производ воопшто и не им бил доставен, а ист процент од испитаниците одговориле дека испорачаниот производ според неговите карактеристики воопшто не одговарал со нарачаниот, станувало збор за различен модел, различна боја, или несоодветна големина. На 10 отсто од испитаниците при испораката на производите не им била издадена фискална сметка за производот кој што го платиле во готово или на фактура за електронско плаќање.

Податоците покажуваат дека граѓаните најчесто се одлучувале онлајн да купуваат текстил и текстилни производи, тоа го сториле дури 44 отсто од потрошувачите. Компјутери и компјутерски делови пак по електронски пат купиле 32 отсто од потрошувачите. Околу 25 отсто од потрошувачите купувале обувки, а 20 отсто козметика.Но истражувањето покажало дека секој петти потрошувач купува и прехранбени производи од интернет, или 20 отсто од потрошувачите решиле наместо во маркет да пазарат од пред компјутер и на тој начин да ја избегнат гужвата на каса и блискиот контакт со други лица во маркетите.

Извор: Денар.мк



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...