Македонија

Утре е последен рок за пазарување со домашните платежни картички

14 Aug 2020

Со домашната платежна картичка ќе може да се пазарува само уште утре. Парите што ќе останат на неа по утрешниот ден ќе се вратат онаму од каде што дошле, во државниот буџет.

Некои од корисниците со картичката плаќаат повеќе од еден месец, некои пак ќе имаат време да ја потрошат само еден ден. Сите отпечатени 333.697 картички не се поделени, а утре е и последен ден за нивно подигање.

Но, по истекот на рокот, дури и празни, картичките не треба да се фрлат. Банките кои ги издадоа препорачуваат картичките да се чуваат, зашто од почетокот на наредната година ќе можат повторно да се користат, но под условите за картично работење на банката. Тоа значи дека сопствениците на овие картички во иднина на нив би  можеле да ја примаат платата, социјалната помош, самите да ја полнат со пари и да ја користат и слично.

Според последните податоци на Министерството за финансии, заклучно со 1 август, доделени се картички во вредност од 26,7 милиони евра, а од нив се потрошени околу 23 милиони евра. Притоа се реализирани над 1,7 милиони трансакции, од кои 89 проценти во маркети, пет проценти во ресторани и сендвичарници и три проценти во продавници за текстил и облека.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...