Македонија

Утре истекува рокот за издавање на домашните платежни картички

17 Jul 2020

Утре истекува рокот за предавање на домашната платежна картичка на оние граѓани што ги исполнија условите од оваа мерка што беше дел од третиот пакет мерки на Владата за поддршка на економијата.

Граѓаните можат да ги искористат картичките најдоцна на 15 август годинава.

Домашна платежна картичка добија над 324 илјади граѓани, во четири категории. Првата група доби домашна платежна картичка во вредност од 9.000 денари, каде што спаѓаат лица со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа, кои во минатата година немале поголеми приходи од 180 илјади денари, или годинава од јануари до април не повеќе од 60 илјади денари според податоците на УЈП. Во оваа група се опфатени над 114 илјади граѓани.

Во втората група се околу 117 илјади лица кои добиваат по 3.000 денари, односно граѓани кои се во работен однос, но чии примања во првите четири месеци не надминуваат 60 илјади денари. Оваа категорија дополнително доби и ваучер за туризам, кој веќе почна да се користи.Во третата група се младите од 16 до 29 години кои се дел од државното образование и кои добија финансиска поддршка по 3.000 денари, а четвртата група ја сочинуваат здравствените работници со поддршка од 40 отсто од последната нето-плата. 

Картичките ги издаваат девет банки. Некои од нив ги испраќаа до домашна адреса, а дел ги информираа граѓаните кога им е изготвена картичката за во одреден ден во одредена локација да отидат и да ја подигнат, со цел да не се создава метеж во експозитурите и да се заштити здравјето на граѓаите и на вработените.

Заклучно со 8 јули издадени се и предадени над 187 илјади домашни платежни картички, а граѓаните активно ги користат и направиле 700.000 трансакции и потрошиле 11 милиони евра за домашни производи и услуги. Најмногу се користат во супермаркетите, каде што се реализирани 90 отсто од трансакциите од овие платежни картички. 

Целиот проект е вреден 28 милиони евра. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...