Донесените измени и дополнувања од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, особено измените кои се однесуваат на густините на нафтените деривати и горива за транспорт, предизвикуваат сериозни штети врз работењето на „Макпетрол“.
Ова денес го соопштија од компанијата. Имено, со примена на новите густини за нафтените деривати и горива за транспорт, признаените набавни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од страна на РКЕ се пониски од реално набавните цени за трговците, што предизвикува значителни загуби во работењето.
Нејасно од кои причини и врз основа на кои податоци и извори, РКЕ, од донесувањето на споменатиот Правилник во мај 2019 година, досега трипати ги менуваше густините на нафтените деривати и горивата за транспорт. На членовите на РКЕ многупати им беа презентирани релевантни документи, меѓу кои и Правилникот за квалитет на течните горива, за тоа кои густини на нафтените деривати и горива за транспорт вообичаено се користат во комерцијални цели за утврдување и за претворање на цени од килограм за литар нафтен дериват, како и примери за така утврдените густини во државите од регионот, соопштуват од „Макпетрол“
Регионални износи за густини
Густина (кг/л) |
Хрватска (пред либерализација) |
Црна Гора (актуелна) |
Словенија (регулирани вон автопатите) |
ДИЗЕЛ |
0,845 |
0,850 |
0,845 |
БЕНЗИН |
0,755 |
0,772 |
0,755 |
Од компанијата истакнуваат дека доколку членовите на РКЕ, не го сменат својот личен став во однос на густините и не пристапат кон измена на предметниот Правилник, „Макпетрол“ ќе биде приморан да преземе сериозни мерки, кои, за жал, ќе резултираат со нарушување на стабилноста на нафтениот пазар во нашата држава.
На крај, повторно сакаме да го истакнеме нашиот став дека пазарот со нафтени деривати и горива за транспорт во нашата држава треба да се либерализира, со што ќе го следиме примерот на државите од Европа и од светот, како и на државите од регионот, додаваат од „Макпетрол“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.