Македонија

Кој да се грижи за маските на работниците-компаниите или МВР?

27 Apr 2020

Стопанската комора на Северо-Западна Македонија (СКСЗМ) реагира на Уредбата на Владата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од корона вирусот и заштита на населението за време на вонредна состојба.

Обврската според член 3 од Уредбата со законска сила за компаниите да се грижат за однесувањето на граѓаните во однос на носење заштитни маски, е дополнителен товар што ниту еден бизнис не може да го носи, а во тој случај се загрозени сите бизниси, особено тие микро и мали, кои се уште повеќе загрозени во овој период на пандемија. Одговорни за однесувањето и дисциплината на луѓетo треба да бидат органите за одржување на редот, а не бизнисите, односно нивните сопственици или директори, се вели во реакцијата на СКСЗ.

Од таму повикуваат на усогласеност со член 4 од Уредбата со законска сила, обврската за надгледување на спроведувањето на одредбите од овој акт да спаѓа во надлежност на Министерството за внатрешни работи, а не на товар на компаниите, со цел да се минимизира можноста за казнување на компании што се единствениот извор на приходи на државата во овој период на криза.

Апелираме до релевантните институции пред да се донесе каква било одлука, однапред да се консултираат претставниците на бизнисот, односно стопанските комори, со цел да се обезбеди разумност на тие одлуки и практично спроведување на истите, како и да се избегнат евентуалните колатерални штети што може доаѓаат како резултат на нивното донесување, соопштија од СКСЗМ.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...