Одборот на директори на „Сковин“ му предлага на „Фершпед“ (најголемиот акционер) да ја продаде винаријата во која поседува 97 отсто од акциите со право на глас. Ова е официјална информација со предлог одлука за која на претстојно акционерско собрание ќе гласаат акционерите на „Фершпед“.
Според достапните јавни информации, претставниците на Одборот на директори на „Сковин“ предлагаат да се продаде имотот со кој располага „Сковин“ и трговските марки за вкупно 3,35 милиони евра. Како понудувачи се јавуваат два правни субјекти. Првиот е домашната компанија „Сковин винарија ДООЕЛ“ која е заинтересирана за купување на движен и недвижен имот од „Сковин“ и сингапурска компанија SIAK PTE. LTD која е заинтересирана за купување на трговските марки на скопскиот производител на вино.
Сите детални податоци за имотот што е предмет на понуда се достапни на веб страницата на Македонската берза. Акционерското собрание е закажано за 27 ноември.
Предлогот членовите на Одборот на директори го даваат заради тоа што: понатамошното работење на Друштвото ќе продуцира дополнителни загуби кои го ставаат Друштвото во позиција на негативно работење и неможност да се измируваат обврските спрема доверителите . Во интерес на Друштвото односно на акционерите е да се изврши купопродажба на целокупниот имот на Друштвото со што би се обезбедиле средства за покривање на обврските спрема доверителите.
„Сковин “ во последните три години (од 2016 до 2018 година) бележи пад на приходите од дејноста од 4 милиони евра на 3 милиони евра. Лани компанијата завршила со загуба од речиси 2 милиони евра.
На крај на 2018 година компанијата има вкупни обврски кои надминуваат 10 милиони евра и главнина од 2,3 милиони евра.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.