Македонија

Ѓорѓи Петрушев: „Ладен ланец“ за повисок квалитет на млечните производи

23 Sep 2019

„Ладниот ланец“ на дистрибуција е од големо значење за да се обезбеди висок квалитет на млечните производи, порача денеска на прес-конференција претседателот на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора, Ѓорѓи Петрушев.

„Ладен ланец“ е потребата млекото на својот пат од фармата до крајниот потрошувач како производ постојано да биде чувано на одреден ладен режим од 2 до 8 Целзиусови степени за да може да го сочува својот квалитет се до моментот на консумација.

Прекинувањето на „ладниот ланец“, каде било во синџирот на снабдување, го скратува рокот на траење на производот, ги нарушува оние својства на производите што ние сме се потрудиле да ги постигнеме во текот на производството и на тој начин губат сите учесници во оваа економска дејност, и млекопроизводителите и трговците и крајните потрошувачи, рече Петрушев.

За таа цел ќе се спроведе едукативна, промотивна кампања што ќе биде наменета за сите заинтересирани страни, особено во делот на малопродажбата и крајните потрошувачи, за тоа кои се последиците од прекинот на овој ладен режим при снабдувањето со производите. 

Како што посочи Илија Георгиев од Агенција за храна и ветеринарство, Агенцијата е во завршна фаза на проектот за категоризација на молзните крави, на одгледувалиштата и целта е да се види фактичката состојба, колкав процент од такви одгледувалишта ги исполнуваат првата и втората категорија на квалитет на млеко. 

Стефан Момиќ од Организацијата на потрошувачи вели дека минатата година бројот на поплаки насочени на храна во целина и млечни производи е сведен на минимум, а како најчест проблем се јавува пријавување на производ со поминат рок.

Прашан каква е состојбата на фармите и дали имаме доволно млеко и стока, Петрушев посочи дека трендот е таков што во тој сектор доаѓа до консолидација.

Голем дел на мали семејни фарми се со од три до пет грла добиток, и се дополнителна дејност или приход во семејството. Бројот на такви фарми се намалува затоа што со својата ниска продуктивност или со квалитетот не можат да ја издржат конкуренцијата на пазарот. Се зголемува производството на млеко во големи фарми, а за среќа расте и бројот на фарми кои го надоместуваат тој дефицит. На долг рок очекуваме дека таквата консолидација ќе ни донесе и зголемен квалитет, додаде тој.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...