Најдобрите практики на женското претприемништво во Канада и Македонија, најголемите предизвици на македонските жени-претприемачи и соработката со консултантите од CESO SACO, беа теми на вчерашната панел-дискусијата „Жени-претприемачи и канадски експерти: Менторство, развој и одржливост“.
Настанот, во организација на „Македонија 2025“, кој се одржа во хотелот „Дабл три Хилтон“ во Скопје, го отвори Кати Чаба, амбасадорка на Канада во Србија, Македонија и Црна Гора.
Среќни сме што волонтерите од канадската организација за извршни услуги CESO SACO со своето искуство и знаење им помагаат на македонските женски организации, во насока на постигнување поголема родова еднаквост и промоција на женското претприемништво, посочи Чаба.
Џенифер Лавуа, консултантка од CESO SACO, истакна дека знаењата ги пренесуваат на начин што е применлив за македонските клиенти и бизниси: Тука сме да менторираме, водиме, слушаме. Изминатите две недели работевме со ЕЛИТ – Здружение на жени-менаџери и со Здружението на бизнис-жени – Македонија. Тие се навистина мотивирани да направат позитивна промена во македонската економија и заеднички работиме за надминување на предизвиците и зајакнување на женскиот глас во општествениот живот.
Панел-дискусијата се организира во рамките на проектот финансиран од канадскиот фонд за локални иницијативи, поддржан од Амбасадата на Канада во Србија, Македонија и Црна Гора.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.