Македонија

Од идниот месец електронска наплата на патарина

26 Jun 2018

Од средината на јули ќе почне системот за наплата на патарини со смарт-картички кои нема да се плаќаат, ќе можат да се надополнуваат, a ќе ги има на секој граничен премин, наплатна рампа или бензинска станица. 

Еден месец пред почетокот на електронската наплата на надоместокот за патарина, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека системот е подготвен да функционира на сите наплатни рампи на Коридорот 10.
 
За почеток наплатата ќе се одвива во готовина и со смарт-картичките и ќе бидат поделени различни ленти. За тие што ќе плаќаат во готовина ќе важат сегашните цени на патарина, а за оние што ќе плаќаат со картичка ќе има и попуст, за како што истакнува директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, побрзо да се увидат придобивките од користењето на смарт-картичките. За наплата со смарт-картички попустот ќе биде 5%, а за таговите 10%.   
 
Од следниот месец ќе почне употребата и на таговите наменети за камиони и други превозници. Тоа се всушност специјални лепенки со сериски број, кои ќе се ставаат на предното ветробранско стакло. Како што ќе се приближи возилото, од далечина, системот на рампата ќе го отчитува бројот и автоматски ќе ја отвори рампата. Таговите ќе се продаваат по цена од 1.000 до 1.200 денари, а ќе имаат важност од седум години. Според најавите, постпејд-картичките ќе стартуваат на есен. 

Вредноста на инвестицијата за автоматизацијата на наплатните рампи изнесува 17,8 милиони евра, од кои 15 милиони евра беа обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а остатокот од буџетот. По Коридорот 10, автоматизација на рампите се планира и на Коридорот 8.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...