Македонија

Краткорочни ефекти, долгорочни предизвици

26 Mar 2025

Со нашите соговорници зборувавме за тоа како ја оценуваат одлуката на Владата за ограничување на маржите и нејзиниот потенцијален ефект врз инфлацијата и животниот стандард, дали ограничувањето на маржите ќе има долгорочни економски последици врз економската стабилност и во што се состои разликата во ефективноста на мерката за ограничување на маржите во однос на други економски мерки како намалување на ДДВ или субвенционирање на потрошувачката.

Во своите ставови, проф. д-р Даниела Бојаџиева, редовен професор на Економски факултет, и Лавдрим Гега, претседател на Стопанската комора на трговци на мало и големо, предлагаат нови мерки со цел долгорочно решение на инфлацијата и подобрување на животниот стандард.

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Експертски став

Проф. д-р Даниела Бојаџиева, редовен професор на Економски факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Во периодот 2021-2024 година порастот на цените во домашната економија беше предизвикан од повеќе последователни кризи: здравствената криза предизвикана од пандемијата, потоа воениот конфликт во Украина, како и појавата на енергетската криза. Како резултат на овие последователни настани, дојде до значително нарушување на синџирите за снабдување, до значителен и повеќекратен пораст на цената на енергијата и суровините. Како резултат на неповолните климатски услови, дојде до намалувања на понудата на одредени прехранбени суровини и пораст на берзанските цени на овие производи и суровини (маслото, какаото, кафето, млекото и сл.)

Со цел да се намали негативниот ефект на инфлацијата врз животниот стандард на граѓаните, како и да се зауздаат инфлаторните тенденции во економијата, досега бевме сведоци на повеќекратна употреба на административни мерки за регулација на цените на одредена група прехранбени производи. Имавме периоди на утврдување на највисоки маржи, па потоа периоди на утврдување на највисоки цени на дефиниран сет на прехранбени производи. За жал, овие мерки не ги дадоа долгорочните очекувани ефекти, додека краткорочните не беа од големо значење. Важноста на мерките беше лимитирана (траеја од еден до три месеци) и не успеаја да ги намалат инфлационите очекувања кај економските агенди (еден од главните драјвери за пораст на цените). За време на важноста на мерките, цените благо се намалуваа, додека по завршувањето цените продолжуваа да се зголемуваат. Животниот стандард на граѓаните, особено на најранливата категорија на домаќинства, беше предизвик да се одржи на едно задоволително ниво.

Во економската теорија се препорачува, а тоа го потврдила и економската емпирија, дека применувањето на административните мерки за контрола на продажните цени е оправдано да се користи само во периоди на многу висока инфлација и за тесно дефиниран сет на прехранбени производи. Фиксирањето на продажните цени за овие производи вообичаено е комбинирано со друг сет на економски мерки за да се намали товарот на фирмите од носечкиот сектор чии производи се таргет на овие административни мерки. Мерките се применуваат во периоди подолги од три месеци, додека притисоците од високи инфлаторни очекувања се силно изразени и перзистентни.

Во сегашните економски услови, кога имаме намалување и стабилизација на инфлацијата во земјата и во Европската Унија, цените на храната на светските берзи покажуваат надолни трендови на движење, примената на административните мерки за контрола на продажните цени е опсолентна. Во овие услови се препорачува примена на структурни мерки и мерки засновани на пазарни принципи: јакнење на пазарната конкуренција со доследна и соодветна примена на Законот за заштита на конкуренцијата, на Законот за нефер трговски практики во трговијата со земјоделските и прехранбени производи (што ќе доведе до соодветна регулација на синџирите за снабдување), мерки за зголемување на домашното производство на храна (во таа насока и ревидирање на политиката за субвенционирање на земјоделското производство), развој на посебни социјални пакети за поддршка на животниот стандард на најранливата категорија на домаќинства.

Мерките не влијаеа да се намалат инфлаторните очекувања меѓу економските агенти (производители, продавачи, потрошувачи). И од примената на во моментов активната мерка за ограничување на маржите не очекувам значителни долгорочни ефекти во насока на намалување на продажните цени на прехранбените производи опфатени со мерката.

Колкав ќе биде краткорочниот ефект врз продажните цени на прехранбените производи кои се опфатени со оваа мерка, зависи од тоа колкава била маржата вградена во продажната цена пред воведувањето на мерката. Доколку маржата била во нивото предвидено со административната мерка, продажната цена на производот нема да се промени, или незначително ќе се намали на краток рок.

Но она што како негативен потенцијален ефект може да се очекува, дури и на краток рок, е пораст на цените кај дел од прехранбените производи во маркетите кои не се дел од оваа мерка.

Механизмот на дејствување на трите наведени мерки е сосема различен од аспект на нивната трансмисија и ефективност.

Имено, ограничувањето на маржите е чисто административна мерка чија цел е да го ограничи порастот на продажната цена на производите. Значи, со нејзино воведување може да дојде до еднократна корекција на цената на производот, доколку во моментот неговата маржа е поголема од таа, административно утврдената. Меѓутоа, во следните месеци (или периоди) цената ќе се менува согласно висината на набавната цена или на другите елементи кои ја определуваат продажната цена. Значи да заклучиме: фиксирањето на маржите не го спречува пoрастот на продажната цена на производот, туку го контролира зголемувањето на продажната цена на производот. Страничен ефект од оваа мерка е поголем пораст на продажните цени на производите од асортиманот на трговецот кои не се опфатени со мерката.

Данокот на додадена вредност е данок на потрошувачката и е сефазен данок, од производство, набавка до продажба. Влегува во групата на индиректни даноци, во даночниот систем на една економија. Намалувањето на стапката на ДДВ многу е веројатно дека ќе ја намали и продажната цена на производот. Но, колкаво ќе биде ова намалување, е определено пред сè од еластичноста на побарувачката. За производи чија побарувачка е еластична, се очекува намалувањето на стапката на ДДВ речиси целосно да се прелее врз продажната цена на производот и таа да се намали. Доколку побарувачката за тој производ е нееластична, тогаш намалената стапка на ДДВ нема целосно да се прелее врз продажната цена на производот и таа ќе забележи помало намалување (на пример, ако стапката на ДДВ за производот се намали за 5%, продажната цена на производот би се намалила за 2%). Намалувањето на продажните цени на производите за кои се воведува намалена стапка на ДДВ нема да биде од трајна природа. Како ќе се зголемуваат цените во меѓуфазите (од производство/набавка до дистрибуција и продажба), така ќе растат и крајните продажни цени за овие производи.

Субвенционирањето на потрошувачката на најранливата категорија на домаќинства е метод кој не предизвикува нарушување на односот на продажните цени на производите во асортиманот на трговецот. Со оваа мерка само се олеснува потрошувачката на најранливата категорија на домаќинства, за производите кои се опфатени со програмата за субвенционирање, и на тој начин директно се поддржува животниот стандард на оваа група на домаќинства.

Секоја административна мерка со која се нарушува нормалното функционирање на бизнисите и реализацијата на стратегијата на цени негативно влијае врз профитабилноста и идниот развој на фирмата. Ограничувањето на маржите или ограничувањето на продажните цени директно влијае врз намалувањето на профитот што го остваруваат маркетите. Многу е веројатно дека во иднина би се намалила нивната инвестициона способност. Од друга страна, притиснати од притисокот на пораст на платите за вработените (особено во услови кога имаме законски утврдена минимална плата), се зголемува можноста да се намалува бројот на вработените во маркетите во големите трговски синџири. За очекување ќе биде и пад во квалитетот на услугите што ќе ги добиваат крајните потрошувачи.

Во Македонија, во големите трговските синџири за продажба на прехранбени производи и производи за хигиена има 4.000 до 5.000 вработени. Бојкотот врз маркетите, административните мерки за регулирање на продажните цени на дел од асортиманот на производите ги става под опасност работните места на вработените во маркетите. Колку бројот на производи опфатени со овие мерки е поголем, толку и негативниот ефект врз профитабилноста и вработеноста во овие фирми ќе биде поголем. Од друга страна, македонскиот пазар е со мала апсорпциона моќ и ваквата директна интервенција на државата врз продажните цени на прехранбените производи може да го одложи или одбие влезот на нови конкуренти на пазарот. Тоа недвосмислено негативно влијае врз пазарната конкуренција во овој сектор.

Став од секторот

Лавдрим Гега, претседател на Стопанската комора на трговци на мало и големо


Како Комора немаме политички цели и со нашите ставови се стремиме за чување и јавно кажување на потребите на трговците во Македонија.

Одлуката донесена на ден 21.2.2025 година економски длабоко ги погоди трговците во поглед на нивните понатамошни планови за развој и ширење на нивните бизниси. Дел од трговците по завршувањето на мерките ќе се најдат во економска криза за опстанок бидејќи ограничувањето на маржите на 102 групи на производи, всушност, значи повеќе од 1.000 артикли.

Три дена пред да се донесе одлуката пративме предлог до Владата и побаравме да се земат предвид: 70 групи по 2 артикли на група вкупно 140 артикли или 30 групи по 5 артикли на група вкупно 150 артикли. Како на пример, во Србија има ограничување на маржите само на две групи, по еден артикал, брашно тип 400 од 1 кг само еден артикал, и втората група леб од 500 гр.

Маржата што ни ја ограничи Владата не е реална. Треба да ни ги признаат трошоците по набавка на стока од фактурна цена. Трошоците - плати, придонеси, прескапа индустриска струја, изнесуваат од 12% до 15%, плус кирија, кредити и други трошоци кои се на товар на трговците. Од набавна цена кога би ни ги признале трошоците, и 5% профит би ни биле доволно.

Со малиот буџет поради ниските маржи, некои трговци ќе отпуштаат дел од вработените, ќе бидат принудени да работат во една смена за да можат да опстанат...

И периодот на мерките е временски долг и ни зема 25% од профитот. Ако до крајот на годината Владата не преземе други мерки.

Со носењето на мерките нема да има толку големо драстично намалување на цените, како што очекуваат граѓаните, а исто така голем број супермаркети, поради големата конкуренција, работат со ниски маржи. Политиката на цените на пазарот многу зависи од добавувачите - ако ни достават ниски цени, и ние ќе излеземе на пазар со пониски цени. Од друга страна, и тие имаат проблеми со поскапување на суровините на светско ниво.

По мерките, на состанокот со трговците предложивме начини како да ја надминеме економската ситуација, но мора да се истакне дека тие се премногу разочарани во поглед на идните чекори.

Сепак, тоа што како Комора се предлага е следново за секој трговец - производство, увозник, трговија на мало:

- Маржа на профит до 30% кон државата да е 10% данок;

- Маржа на профит 30% до 40% кон државата да е 20% данок;

- Маржа на профит над 40% кон државата да е 30% данок.

Со ова да не бидат опфатени пекарниците бидејќи имаат расход и поврат на стоката.

Со соработка на Владата и Стопанската комора на трговците за прехрана и други области може многу повеќе да придонесеме за буџетот и општеството.

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...