Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека во рамките на своите надлежности пропишани во Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи изврши ненајавен увид во четири трговски синџири и во една од Стопанските комори во која се здружени истите.
Увидот е извршен поради постоење на сомневање дека неколку ланци на маркети кои вршат трговија на мало со прехранбени и непрехранбени производи го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели односно забранува договори и усогласено однесување на две или повеќе претпријатија, а се со цел нарушување на конкуренцијата. При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација и направен е и увид во средствата за електронска комуникација при што се пронајдени докази дека истите донеле незаконита одлука која и јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање. Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка, стои во соопштението на КЗК.
Од КЗК истакнуваат дека интензивно вршат контроли кај повеќе правни субјекти кои имаат свој удел во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и ќе преземат најригорозни мерки и санкции на секое нарушување на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволат никакво изигрување на законите на штета на граѓаните.
Извор: Комисија за заштита на конкуренцијата/Facebook
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.