По усвојување од страна на Владата на предлогот на Министерството за економија и труд за ограничување на маржата за дел од прехранбените производи, Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за магазинот Instore, појаснува зошто се одлучиле за ваква мерка, а не за замрзнување на цените.
Владата го услови предлогот на министерството за економија и труд за ограничување на маржата за сто прехранбени производи. Зошто се одлучивте за ваква мерка, а не за замрзнување на цените?
Министерството за економија и труд достави предлог до Владата за ограничување на маржата на основните прехранбени производи кои имаат најголемо учество во потрошувачката кошница на прехранбени производи. Министерството се одлучи за ваквата мерка – ограничување на бруто профитната маржа до 10 % во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало, за да се постигне посакуваната цел, а тоа е намалување на малопродажните цени на прехранбените производи и заштита на животниот стандард на населението. Со замрзнување на цените, се спречува понатамошниот раст на цените, додека со ограничувањето на маржата не само што се спречува неконтролираниот раст на цени, туку се постигнува и намалување на цените, во услови кога истите претходно биле несразмерно зголемени, заради профитабилни причини, а не поради реален пораст на трошоците на производството и трошоците во трговијата.
Исто така, ограничувањето на маржата овозможува и одредена флексибилност при формирањето на малопродажната цена и во случај евентуално зголемени увозни цени и зголемени трошоци за производство, трговецот и производителот ќе бидат во можност да ги зголемат цените, но, притоа зголемувањето би било сразмерно на зголемувањето на увозните цени, односно на зголемените трошоци на производство.
Дали пред донесувањето на мерката имавте консултации со трговците и производителите и дали ќе се засилат контролите за нејзината примена?
Министерството за економија и труд, пред да ја предложи мерката, оствари средба со Стопанската комора на Северна Македонија на која и беше презентирана мерката, периодот во кој истата би се применувала, како и опсегот на производите кои би биле опфатени. Секако дека, контролите за нејзина примена, ќе бидат засилени.
Стопанската комора побара да се променат делови од Законот за нефер трговски практики, а дел од трговците сметаат дека треба да се пролонгира стапувањето во сила на овој закон. Дали сметате дека треба да има измени и дали по стапувањето во сила ќе има потреба од донесување на мерки за намалување на цените на производите?
Законот е работен во консултација со сите засегнати страни (производители, увозници, дистрибутери, трговци на големи и трговци на мало) Во завршна фаза е третиот дел на целосната примена на Законот, а тоа е да се склучат договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи според условите на овој закон.Рокот за склучување на договори е 6 месеци од донесување на Законот и истекува на 28 септември, што е доволно време за постапување.
Мерките за намалување на цените ќе го компензираат периодот на ефективната примена на законот односно да се видат резултатите од роковите за плаќање и новите цени поради ограничување на рабатот и надоместоците за реклама, маркетинг и ставање на производ на полица.
Фото: Facebook
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.