Македонија

Дигитализацијата е клучна за конкурентноста и развојот на компаниите

03 Jul 2024

Дигитализацијата влијае врз сите општествени сфери. Денес, економскиот развој и конкурентноста на македонските компании во голема мера зависат од тоа колку ќе ја применат дигитализацијата во деловното работење.

Приредил: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

 

Дејан Шиндиловски, специјалист за ИТЦ и дигиталната трансформација

 Дигитализацијата на компаниите подразбира примена на дигитални технологии и процеси со цел да се подобрат, автоматизираат и оптимизираат нивните деловни активности. Оваа трансформација опфаќа широк спектар на активности и стратегии кои ги соединуваат сите аспекти на работењето на една компанија.

Тоа е долготраен и систематски процес кој ги опфаќа сите делови во работењето на една компанија и изискува сериозен пристап и планирање, како од стратешки така и од финансиски аспект.

Преку дигитализацијата компаниите стануваат пофлексибилни, иновативни и конкурентни на пазарот, истовремено подобрувајќи ја ефикасноста и намалувајќи ги оперативните трошоци. Тука може да се вбројат повеќе начини преку кои би се подобрил економскиот развој на некоја компанија, и тоа во зависност од индустријата во која таа дејствува, како на пример: подобрување на ефикасноста и производството, подобрување на квалитетот на услугите, побрзо откривање на трендовите и потребите на потрошувачите, глобален пристап до пазарите, намалување на оперативните трошоци, зголемување на конкурентноста.

 Нивото на дигитализација во земјата е сè уште релативно ниско, со значителен простор за подобрување, особено кај малите и средни претпријатија (МСП). Секоја инвестиција во дигитализација на деловното работење и прифаќање на новите светски трендови на тргување (понуда и побарувачка) по дигитален пат се решенија кои на долгорочен план ќе донесат финансиски бенефит и стабилност во раководењето на постојниот бизнис.

Иако трошокот за имплементација на дигитални решенија е предизвик, сепак, постојат начини да се ублажат овие трошоци и да се направи дигитализацијата поприфатлива и достапна. Затоа, можеби најпотребно е да се инвестира во подигнување на колективната свест и едукација за трендовите што се присутни во светски рамки и со забрзано темпо се развиваат.

Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг-менаџер во „Бимилк“

Ние сме едни од лидерите во Македонија во сегментот на дигитализација. Во моментов имаме дигитализација од прием на суровина, мерење на сите параметри на составот, стандардизација и усогласување со стандардите, потврда на квалитетот, сето тоа се одвива низ еден дигитално координиран систем. Тоа ни обезбедува сигурност и гаранција во сето она што го имаме поставено како параметар во стандардот и квалитетот на производите. Дигитализацијата и употребата на дигиталните алатки ни го олеснија патот до потрошувачите, како и ним до нас, овозможувајќи ни да развиеме ефективна и интерактивна комуникација и тоа во реално време, што е исклучително важно и потребно во нашиот сектор на работа.

Примената на дигитални алатки во финансиско работење, при следење на процесите, интеграција на сектори, координација, до организирање на пазари и директно влијаење врз развојот на компанијата е многу важна во „Битолска млекара“. Односно, секој еден микропроцес, како дел од интегрираниот производствен систем, може да биде дигитално управуван. 

Ако една компанија сака да биде успешна, да биде интегрирана со современи процеси, мора да се дигитализира. Останувањето во комфорна зона на работа на компаниите е лоша навика бидејќи така нема напредок. Употребата на дигитални технологии придонесува за подобрување на деловните процеси и поттикнување на иновациите. Конкурентноста на една компанија, особено на европскиот пазар, исто така, зависи од тоа колку е применета дигитализација, затоа што ја зголемува продуктивноста, а со тоа ја унапредува нивната конкурентност на глобалниот пазар.

Ако од услужните дејности, за FMCG секторот дигитализацијата е императив, веднаш зад нив сме ние од прехранбената и млечната индустрија. Примената на дигитализацијата во нашите процеси директно се рефлектира врз ефектот од работата, резултатот, како и соодветен фидбек кога е потребен.

 

Марко Василески, ИТ-менаџер во „Рамстор“

Промените што настануваат како резултат на дигитализацијата претставуваат можност, но и предизвик за голем дел од организациите бидејќи нудат нов алтернативен начин на работење. Компаниите се стремат да останат конкурентни на пазарот, да напредуваат и да ги користат можностите за раст предводени од технологијата која влијае врз главните економски аспекти, што доведува до откривање нови пазари и начини за соработка, како и подобрување на ефикасноста во работењето.

„Рамстор“ е лидер во малопродажниот сектор при имплементација на нови технологии и дигитализација на интерните процеси, со што нашите планови и деловни акции се насочени кон следење на најновите технологии и нивна примена во нашето работење. Во  секторот за малопродажба сме меѓу првите што воведоа тикетинг-систем интегриран со контакт центар - центар за грижа на корисници, посветен токму на задоволувањето на барањата на потрошувачите. Следни проекти беа воведувањето електронска архива интегрирана со ERP систем и модул за дигитално потпишување документи, систем за управување и менаџирање на трошоци, систем за пријавување и одобрување на фактури, Warehouse Management System, систем за поднесување барање за годишен одмор и како последен во низата успешно реализирани проекти - Electronic data interchange (EDI), преку кои се рационализирани операциите, кои овозможуваат зголемена оперативна ефикасност и продуктивност. Во следниот период ќе бидеме фокусирани на целосна имплементација на CRM (customer relationship management) модул кој ќе овозможи поголема поддршка при менаџирање на релациите со потрошувачите.

Дигитализацијата ги преобликува работните процеси, начините на дистрибуција и поврзаноста на процесите внатре во организациите. Во „Рамстор“, благодарение на современите платформи и алатки, ги согледуваме придобивките од примената на дигитализацијата.

Методија Христовски, менаџер на логистика во „Нелт“

Дигитализацијата може да биде значаен фактор за економскиот развој на компаниите. Таа ја зголемува ефикасноста преку автоматизирање на процесите, намалување на оперативните трошоци и минимизирање на грешките преку автоматизација на рутинските задачи и подобрување на точноста на податоците. Дигиталните системи овозможуваат анализа на податоци во реално време, што води до носење подобри стратешки одлуки. Дополнително, дигитализацијата отвора нови извори на приходи преку овозможување дополнителни продажни канали (е-трговија). Исто така, го подобрува задоволството на клиентите преку обезбедување побрзи и посигурни услуги и трансакции. На крајот, дигитализацијата може да доведе до повисока продуктивност, примена на иновации и остварување конкурентна предност, што на крајот придонесува за економскиот раст и развој на компаниите.

 „Нелт“ е компанија која одржува чекор со трендовите и применува најсовремени технологии, така што процесот на дигитализација е длабоко интегриран во основата на нашите процеси. Како главен компаниски систем за работа го користиме SAP, кој консолидира различни деловни процеси и обезбедува комплетна прегледност на нашите операции во секој момент. Во моментов имаме дигитален процес на продажба на терен, која се остварува со таблет или преку EDI систем за размена на податоци, користиме дигитална мапа и систем на динамичко рутирање на капиларните испораки, комплетните магацински операции се управувани од Систем за магацинско работење (WMS GOLD). Нашата тенденција е да имаме од почеток до крај комплетно дигитализиран дистрибутивен процес и за таа цел во моментов работиме на имплементација на проект „Дигитална доставница”, кој треба да овозможи испорака на стока без хартиена форма на фактура – нашите купувачи ќе ја добиваат во електронска форма веднаш по потврдувањето на испораката, дополнително подобрувајќи ја нашата оперативна ефикасност и одржливост.

Дигитализацијата има клучна улога во секојдневните операции на компаниите, автоматизираните системи ги поедноставуваат процесите, ја зголемуваат продуктивноста и оперативната ефикасност, а се обезбедува точност и конзистентност, намалувајќи ги човечките грешки и подобрувајќи ги доверливоста и задоволството на клиентите.        



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...