Македонија

ВВ „Тиквеш“ промовираше автоматска линија за полнење вино - инвестиција вредна 4,2 милиони евра

24 Jun 2024

Во винарницата во Кавадарци свечено беше пуштена во работа комплетно нова дигитализирана автоматска линија за полнење на вино во стаклена амбалажа. Најновата инвестиција на ВВ „Тиквеш“ во современа опрема, креирана според последните технологии во индустријата, е во вредност од 4,2 милиони евра, обезбедени делумно преку кредитна линија ЕИБ7 од Европската инвестициска банка, наменета за трајни обртни средства и поддршка на зелената транзиција.

Новата автоматска линија за полнење на вино има капацитет од 12.000 шишиња на час, со што покрај подигнувањето на квалитетот ќе се забрза процесот на полнење во насока на задоволување на потребите на пазарите.

Визијата за пораст на „Тиквеш“ се темели на извонредност во сѐ што правиме, на континуиран одржлив развој, следење и имплементација на светските стандарди и трендови во винската индустрија и постојани инвестиции. Секоја индустрија се менува и овој процес е динамичен и се одвива во континуитет. Наш предизвик е да бидеме секогаш во тек со иновациите и да ги имплементираме во нашето работење. Тоа е основно правило во бизнисот, за да имаме висока конкурентност и да бидеме на нивото на најдобрите. Инвестициите се клучен чинител во тој процес. Денес со гордост ја претставуваме нашата најнова инвестиција во опрема и технологија која е според најновите и најсофистицирани стандарди во нашата индустрија. Тоа е само уште еден чекор кон нашата цел - одржување и унапредување на врвниот квалитет на нашите производи, истакна Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“.

Покрај другото, со новата опрема се овозможува намалување на емисијата на C0₂ за околу 40% или за 135 тони годишно, што е целосно во согласност со заложбите за одржливост и ESG принципите. „Тиквеш“ е првата винарница во Југоисточна Европа која ги има имплементирано овие стандарди, а неодамна го објави и првиот ESG извештај.

На промоцијата на новата инвестиција во ВВ „Тиквеш“ присуствуваше и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев кој истакна дека винската индустрија е синоним за Кавадарци и за целиот регион. Инвестициите во нова технологија што ги реализира ВВ „Тиквеш“ се исклучително значајни, бидејќи придонесуваат за развојот не само на компанијата, туку и на општината во целина

Новата автоматска линија за полнење на вино во стаклена амбалажа дополнително ќе придонесе за зголемување на ефективноста и ефикасноста на производниот процес. Во линијата се користат најнови технологии за автоматизација и дигитализација, со што значително се олеснува работата на вработените и дополнително се зголемува контролата и безбедноста на финалните производи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...