Македонија

„Фајнанс тинк“: Во првиот квартал БДП е зголемен за 1,2 отсто

10 Jun 2024

„Фајнанс тинк“ го објави „Макроекономскиот монитор“ за првиот квартал од годинава.

Според објавеното, во првиот квартал од 2024, БДП се зголеми за 1.2% на годишна основа, задржувајќи ја потиснатата економска динамика од 2023.

Релативно воздржаната економска активност е резултат на две главни тенденции. Од една страна, извозот забележа релативно голем пад од 7.8%, подлабок од тој во 2023. Од друга страна, приватната потрошувачка, која сочинува доминантен дел од БДП, порасна за 2%, што претставува солиден раст кој го одразува високиот реален раст на платите (12.9%), иако под просекот од претходната година. Најголем раст во овој квартал забележуваат бруто инвестициите од 23.6%, што е значајно заздравување по негативните стапки во 2023, а на инвестициите во машини и новата акумулација на залихи. На производната страна, растот во првиот квартал е целосно создаден од услужниот сектор (4.4%), додека земјоделството (-19.7%), индустријата (-1.2%) и градежништвото (-2.5%), сите забележаа значајни падови, поголеми од тие во претходниот квартал.

Воздржаноста на економската активност посебно се забележува кај движењата на пазарот на трудот. Во првиот квартал од 2024, невработеноста незначително се намали на 12.9% (од 13% во претходниот квартал). Вработеноста и неактивноста благо се намалија на 45.4% (од 45.5% во претходниот квартал), односно на 52.1% (од претходните 52.2%). Обесхрабрувањето во барањето работа и пасивизацијата на работната сила започнаа уште во текот на пандемијата и оваа тенденција опстојува до денес.

Во првиот квартал од 2024, инфлацијата остана на нивото од претходниот квартал, 3.4% на годишна основа. Спласнатите глобални притисоци кај храната и енергијата и сe’ уште замрзнатите цени на избрани прехранбени производи во дел од овој квартал, како и забавувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка овозможија забавување на растот на цените уште кон крајот на 2023 година, но во овој квартал, притисокот не се намали понатамошно, во значаен дел поради преостанати варијации кај цените на храната. Благи позитивни поместувања од сегашната воздржаност во економијата се очекуваат во втората половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори. „Фајнанс тинк“ ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2.7% и за раст на цените од 3.8%.

Извор: „Фајнанс тинк“

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...