Македонија

Вратени старите цени за осигурување при регистрација на возилата

10 May 2024
Вратени се старите цени за осигурување од автоодговорност при регистрација на возилата.
 
Комисијата за автомобилска одговорност при Министерството за финансии препорача, а Владата на 2 мај донесе одлука цените на задолжителното осигурување од автоодговорност да се вратат на нивото пред 25 април, кога се покачија за 15,44 отсто.
 
Осигурителните компании од вчера почнаа да ја применуваат одлуката која е објавена во Службен весник и ги вратија старите цени за осигурување. Тоа што дополнително треба да се утврди е дали ќе ги вратат парите на граѓаните кои плаќаа поскапи полиси изминативе две недели. 
 
Осигурителните компании сметаат дека ваквата одлука „претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор, поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“.
 
Да потсетиме, цените на полисите за автоодговорност се променија на 25 април, откако четири дена претходно осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на сумата на осигурувањето. Биле известени од страна на Националното Биро за осигурување.
 
По објавување на ваквата информација во медиумите се огласи Агенцијата за супервизија на осигурување кои посочија дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.
 
Првично им беше наложено на компаниите самите да ги вратата старите цени, но откако не го сторија тоа се достави предлог во Владата за нивно враќање.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...