Македонија

НБРСМ: Граѓаните сѐ повеќе ги користат платежните картички

02 Apr 2024

Податоците за 2023 година,  кои ги обработува Народната банка покажуваат дека граѓаните при извршувањето на плаќањата, сѐ почесто ги користат современите канали на плаќања.

Во 2023 и 2024 година се зголемува употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување на плаќањата во трговијата во земјата, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата, за 18% и 17%, соодветно. Бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) забележуваат годишен раст од 5% и 12%, соодветно. Иако плаќањата со кредитни трансфери сѐ уште најмногу се вршат на шалтерите на банките (71%), податоците за изминатата година ја потврдуваат и сѐ почестата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 16% кај бројот и 19% кај вредноста на плаќањата иницирани електронски. Притоа, граѓаните сѐ почесто ги употребуваат мобилните апликации за извршување на плаќањата коишто забележаа раст од 22% кај бројот и 30% кај вредноста, соопштуваат од НБРСМ.

Кон крајот од 2023 година во оптек биле 1,9 милиони платежни картички, од коишто 76% се засновани на бесконтактна технологија.

Инфраструктурата за прифаќање плаќања со платежни картички, пак, брои 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај 15.804 трговци во земјата, од кои дури 95% ја поддржуваат бесконтактната технологија.  Бројот на картички со бесконтактна технологија и уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат оваа технологија забележа годишен раст (во споредба со 2022 година) од 0,5%, односно 18%. Годишен раст од 6% во однос на 2022 година е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата, соопштуваат од НБРСМ.

За извршувањето на плаќањата со прифаќање на платежните картички, според најновите податоци за 2023 година, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,12% од вредноста на прометот, што е помалку за 0,01 п.п. во споредба со 2022 година. Најголемо намалување се забележува кај надоместокот за плаќањата за дејноста информатичка технологија и бела техника и услугите на државните институции (за 0,08 п.п. кај двете групи дејности) и на бензинските станици (за 0,06 п.п.).

Извор: Народна банка на Република Северна Македонија

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...