Македонија

Пешев: Маркетите немаа доволно време да се подготват, казните се престроги

25 Sep 2023
Мерката е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите, смета Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора.
 
Според него, многу е кратко времето за реализација на мерките во поглед на намалувањето на цените, особено затоа што се работи за речиси 1.200 артикли.
 
Коментирајќи го затворањето на маркетите во Скопје, Струга и Кичево, тој истакна дека никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените.
 
Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.
 
Учествував на двата состанока во Министерството, и со големите синџири на супермаркети и со дистрибутерите. Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за десет отсто на таа класа производи која беше важна за Министертсвото. Веројатно постојат некои пропусти, но во директна комуникација со министерот, а се надевам и денеска ќе имаме директни комуникации по координативниот состанок со супермаркети, ќе се обидеме проблемот да го сведеме на некакво логично време кое ќе им се даде за да се приспособат на мерката. Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1.200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне, рече Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.
 
Како што истакна Пешев, иако во текот на договарањето со компаниите околу поевтинувањето на производите Владата ветила дека ќе им каже датум, тоа не го сторила, туку 1 август како датум го соопштила дополнително преку медиумите. Извршниот директор негира и дека над 90 отсто од решенијата што ги носи Владата се предлози од стопанските комори, како што во четвртокот рече министерот за економија Крешник Бектеши.
 
Информирани сме, но финалните решенија ги слушаме како и вие, од одлуката на Владата. Беше договарано принципиелно, конкретно за последната мерка, за класа артикли кои спаѓаат во основни производи и најголем дел од синџирите тоа го кажаа – рекоа дека се подготвени, ако се работи за таа класа продукти кои директно влијаат на потрошувачката кошничка, солидарно, по пет отсто да намалат од своите маржи, за да поевтинат производите, објасни Пешев и информира дека за да бидат цените намалени 10 отсто, за по пет отсто отстапиле и маркетите и дистрибутерите.
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...