Македонија

Хуманитарна кампања „Во Веро направи добро дело за СОС Детско село“

22 Aug 2023

Во пресрет на новата учебна година и зголемениот обем на продажба на училишен прибор, „Веро“ заедно со своите партнери и добавувачи почнува хуманитарна донаторска кампања наменета за децата поддржани од СОС Детско село со цел да им овозможи успешен почеток на школската година. 
 
Сите потрошувачи во „Веро“ маркетите и „Џамбо“ продавниците може да се вклучат во кампањата и да им помогнат на децата од оваа ранлива категорија, обезбедувајќи им услови за поквалитетно образование. Со купување на посебно означените производи од училишната програма, потрошувачите донираат средства кои се насочуваат во фондот наменет за СОС Детско село. Со секој купен ранец тие донираат по 30 денари, за училишен несесер 10 денари, додека за секој купен молив, пенкало, тетратка или боенка потрошувачите донираат по 1 денар. Сите собрани средства во оваа кампања, која трае од 21 август до 20 септември, ќе бидат наменети за образовните потреби на децата поддржани од СОС Детско село.
 
И покрај тоа што економската криза сѐ уште трае и голем број бизниси се погодени, „Веро“ заедно со своите партнери и добавувачи од „Офис плус“, „ТОЗ МК“, „Графотекс“, „Пан граф“, „Папироти“, „Просветно дело“, „Унивел“ и „Солушн Д“ одлучија да ја почнат оваа хуманитарна кампања.  
 
Оваа кампања ѝ додава „хуманитарна вредност“ на продажбата, при што „Веро“ заедно со партнерите издвојува дел од профитот за да ги поддржи децата од СОС Детско село и да им овозможи еднакви можности со останатите деца, а со тоа и подобра иднина. Квалитетното образование е столб на секое општество и само преко вложување во оваа област може да создадеме силни индивидуи кои ќе бидат движечка сила на заедницата. Како општествено-одговорна компанија, среќни сме што придонесуваме кон јакнење на свеста на заедницата дека сите што се во можност треба да се вклучат во активностите за поддршка на најранливата категорија, децата, вели Петар Денковски, генерален директор на „Веро“.   
 
Граѓаните кои сакаат да се вклучат во оваа донаторска кампања треба да ги побараат означените производи од школската програма во кој било „Веро“ маркет или „Џамбо“ продавница. Од менаџментот на „Веро“ се надеваат дека хуманитарната кампања ќе биде исклучително успешна и дека ќе се соберат доволно средства кои барем малку ќе придонесат за подобро образование и успешен почеток на учебната година на децата поддржани од СОС Детско село.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...