Винарската визба „Тиквеш“ продолжува со својата стратегија за континуирани инвестиции во одржлив развој и имплементација на ESG стандардите. Во рамките на овој процес кој се одвива во сите сегменти од работењето на компанијата, денес „Тиквеш“ ги отвори новите деловни простории во Кавадарци.
Деловниот простор во Кавадарци е уникатен по својата функционалност и архитектонски изглед, но и според постулатите за одржливост кои се вградени во овој објект. Во текот на изградбата се користени еколошки и одржливи материјали и во целост се имплементирани принципите за енергетска ефикасност кои обезбедуваат заштеда на енергија. Дизајнот на просторот овозможува пространост и удобност, како и максимално користење на дневната светлина, со што се штеди енергија. Покрај тоа, инсталираниот централен систем за климатизација и вентилација е базиран на обновлива енергија, односно голем дел од енергијата што ја користи е од фотонапонска централа, соопштија од компанијата.
Вкупната инвестиција во изградбата на деловниот простор во Кавадарци изнесува над еден милион евра.
Континуиран напредок и имплементација на највисоките стандарди е наша долгорочна заложба и во таа насока инвестираме подеднакво во сите сегменти од нашето работење. Веруваме дека новиот деловен простор ќе овозможи подобри услови за работа, поголема благосостојба на нашите вработени и поголема продуктивност. Нашите луѓе се основа за нашиот успех, а развојот и грижата за вработените е еден од врвните приоритети на компанијата, велат од „Тиквеш“.
Новиот деловен простор на „Тиквеш“ во Кавадарци има мултифункционален карактер, а покрај другите работни единици има и две конференциски сали и простор за настани и презентации.
Имплементацијата на ESG стандардите е процес во кој целокупното работење на „Тиквеш“ се унапредува во однос на трите параметри: животна средина, општествен придонес и корпоративно управување (ESG).
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.