Собрани се 252 тони отпад во третата еко - акција „Генералка викенд“ што од 12 до 14 мај 2023 се одржа на 304 локации во 51 општина и во Националниот парк „Шар Планина“.
Во акцијата учествувале 15. 811 волонтери, меѓу кои и деца од над 300 училишта и градинки. Во просек, секој волонтер собрал по околу 16 килограми отпад.
Акцијата овозможува и пошумување затоа што наместо да заврши на депонија, од отпадот се произведени над 20 илјади садници кои ќе придонесат за почист воздух.
Организаторите на акцијата на прес - конференција соопштија дека се задоволни од рапидниот пораст на учесници во споредба со претходните две години. Според нив, акцијата станува препознатливо движење и заштитен знак за создавање добри навики во постапувањето со отпадот и неговото селектирање. Годинашната еко-акција „Генералка викенд“ со масовноста ги надминала и нивните очекувања и покажува тренд на зголемена еколошка свест особено кај младата популација.
Од вкупно собраните 252 тони отпад во еден викенд, 6.330 килограми се пластика, 6.662 килограми хартија, 1.915 килограми стакло, 18. 192 килограми електронски отпад, 23. 670 килограми кабаст отпад, 140. 408 килограми градежен отпад и 55. 504 килограми неселектиран, мешан отпад. Овие податоци покажуваат дека од вкупно 252. 681 килограм отпад, само 55. 504 килограми завршија на депонија, а останатото има употребна вредност и ќе се искористи како секундарна суровина.
Врз основа на оваа собрана количина на отпад, ќе се засадат нешто повеќе од 25 илјади дрвни насади кои ќе ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство - за секои 10 килограми отпад ќе се засади едно дрвце.
Акцијата „Генералка викенд“ беше организирана од „Пивара Скопје“, „Мен енд Маунтен“, „Пакомак“, „Нула отпад“ и „Шпаркасе банка АД Скопје“. Душан Митрев, генерален директор на „Пивара Скопје“, изјави дека се горди што стојат зад оваа иницијатива, заедно со другите партнери, во рамки на глобалната платформа – свет без отпад до 2030 година.
Резултатите што ги постигнавме годинава ги надминуваат сите очекувања. Позитивните постигнувања од „Генералка викенд“ од година во година укажуваат на растечкки тренд на еколошка свест особено кај помладата популација. Успехот на еко-акцијата отвора можност да придонесеме за пошумување и намалување на емисиите на јаглерод диоксид, што е во насока на нашата глобална цел – да достигнеме нето нула емисии на ЦО2 до 2040 година, изјави Митрев.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.