Македонија

Душан Митрев ја презеде функцијата генерален директор на „Пивара Скопје“

08 Jun 2023

Од 1 јуни 2023 година нов генерален директор на „Пивара Скопје“ е Душан Митрев. Тој на оваа позиција доаѓа по Горан Сладиќ кој продолжува да раководи со деловните операции на „Кока кола ХБЦ“ во Нигерија, соопштија од пиварницата.

Од таму велат дека Душан Митрев одлично ја познава „Пивара Скопје“, нејзиниот развој, вработените, брендовите и нивната позицијата на пазарот, односите со потрошувачите и партнерите, како и деловното опкружување во земјата. Тој е еден од генерацијата млади професионалци кој своето знаење, искуство и менаџерски вештини ги градеше во „Пивара Скопје“. После три години поминати во PwC Скопје, во 2010 година тој му се приклучи на тимот на „Пивара Скопје“, во секторот финансии, каде преку посветена работа и континуирано учење напредуваше низ различни позиции, сѐ до позицијата финансов директор на компанијата во 2016 година. Потоа, во 2019 година, продолжи во секторот комерција како менаџер за продажба на клучни купувачи. Во изминатите три години Митрев дополнително ги надгради своите менаџерски и продажни вештини, извршувајќи ја функцијата директор на продажба на „Кока кола ХБЦ“ во Босна и Херцеговина, каде благодарение на неговата посветеност, тимска работа и лидерство, компанијата забележа исклучителни продажни резултати, унапредувајќи ја и зацврстувајќи ја својата пазарна позиција, велат од пиварницата. 

Навистина се радувам што повторно доаѓам дома, во „Пивара Скопје“, на чело на тимот и средината кои многу добро ги познавам. Тргнувајќи од мотото, ‘Еднаш Пиварец - секогаш Пиварец’, имам силна енергија и визија како заедно со вработените да продолжиме да ја водиме „Пивара Скопје“ напред, вложувајќи во нејзиниот одржлив раст и развој, во натамошно јакнење на довербата и задоволството на потрошувачите, задржувајќи го фокусот на иновациите, квалитетот и уникатните карактеристики на нашите брендови, како и во градењето одлични односи со нашите купувачи и деловни парнери, водејќи посебна грижа за придонесот што го даваме за просперитетот на пошироката задницата на која ѝ припаѓаме, изјави Митрев.

Минатата година „Пивара Скопје“ ја одбележа 100-годишнината од своето основање, а следната година, заедно со своите вработени, потрошувачи, партнери и целата заедница ќе прослави и 100 години од почетокот на производството на пивото СКОПСКО. Од 1998 година „Пивара Скопје“ е дел од глобалните системи на „Кока кола ХБЦ“ и „Хајнекен“. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...