Македонија

Фестим Халили, ФИТР: Иновацијата не познава граници

07 Jun 2023

Имаме многу успешни проекти кои покажуваат дека иновацијата не познава граници – ја има во сите сектори и сфери, вели Фестим Халили, директор на ФИТР.

Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР)

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Колку ФИТР има инвестирано во стартап-компаниите на македонскиот пазар? Дали улогата на Фондот се сведува на финансиски инвестиции или освен пари вложува и know-how?

Стартап-компаниите се главните носители на развој и иновации во Северна Македонија. Горди сме на фактот што повеќе од 50% од компаниите поддржани преку инструментите на ФИТР се новоосновани стартап-компании. Овој податок јасно говори дека Фондот е водечка институција за поддршка на македонскиот стартап-екосистем, но и мотив за уште понапорно да работиме.

Свесни сме дека стартапите се особено ранливи во периодот на развој и тогаш тие имаат потреба некој да застане зад нив, да ги поддржи и поттикне. Повикот „Стартапувај“ е креиран за да ги поддржи младите, иновативни стартап и спиноф-компании да ги развијат своите иновации, производи или услуги. Преку овој инструмент, досега имаме инвестирано повеќе од 9 милиони евра за развој на 300 креативни проекти. Првпат инвестиравме во развој на 9 домашни стартап-херои, кои преку предизвикот „Стартап херои – Од супер идеја до супер маркет“, почнаа со продажба и пласман на производите во маркетите низ државата.

Особено е важно да се создадат услови за поттик на иновациската дејност во државата, па заедно со Светска банка го креиравме повикот „Воспоставување, работење и инвестиции во деловно-технолошки акцелератори“. Со инвестиција од 1,5 милиони евра поддржавме 3 бизнис-акцелератори во државата, кои веќе имаат сериозни инвестиции за развој на македонски стартап-компании.

Од анализата на портфолиото може да заклучиме дека најчесто овие компании доаѓаат од ИТ-индустријата, машинската индустрија и од енергетиката. За да го поттикнеме развојот на другите сектори што се помалку развиени, креиравме и тематски предизвици, како на пример: предизвик за социјално претприемништво, „Фаб лабс“, дигитализација на јавните услуги, вештачка интелигенција и сл.

Што е неопходно за да се поттикне забрзаниот развој на стартап-сцената во земјава?

Овие компании имаат ограничен пристап до финансии од комерцијални извори на заеми и многу ограничен пристап до ризичен капитал, така што Фондот за нив е главниот извор на финансирање. Планираме да продолжиме со мисијата за поддршка на новооснованите компании, но и на сите иновативни компании, со цел да се создаде попродуктивна економија, базирана на знаење, иновации и технолошки развој.

Работиме на поголема достапност до капитал, аплицираме во меѓународни фондови преку кои ќе овозможиме забрзан развој на стартап-сцената во земјата. Горди сме што токму ФИТР ќе биде еден од главните носители на акцискиот план „ЕУ за зелена економија“, кој ќе се спроведува во Република Северна Македонија во рамките на ИПА-инструментот на ЕУ, со околу 20 милиони евра расположливи грантови за поддршка на малите и средни претпријатија и нивните зелени идеи. Поднесовме апликација за акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва национална институција што ќе биде акредитирана од страна на ЗКФ. Тоа значи поголем пристап до финансии за зелени инвестиции за домашните компании.

ФИТР ја доби водечката улога за пилотирање на мерките за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан, во рамките на новиот европски проект „Policy answers/Одговори за јавните политики – креирање, спроведување и поддршка на политиките за истражување и развој на Западен Балкан“, финансиран од програмата „Хоризонт Европа“ на Европската комисија, со буџет од 5 милиони евра. Во текот на 2023 година ќе го објавиме пилот-повикот за иновациски ваучери на ниво на Западен Балкан.

Веќе го објавивме првиот јавен повик за годинава – „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски пораст“, за што обезбедивме 5 милиони евра од буџетот на Фондот за поддршка на домашните компании за создавање услови за надминување на последиците од економската криза, забрзан пораст, зголемена конкурентност на меѓународните пазари и отпорност на пандемски и климатски кризи. Работиме и на објавување на повиците за поддршка на комерцијализација на иновативноста на македонските компании, „Стартапувај 5“ итн.

Дали во земјава постојат услови да се создаде еднорог-стартап, кој од темел ќе го смени начинот на досегашното работење?

Стартап-сцената во земјава во последните неколку години континуирано се зголемува, а исто и портфолиото на поддржани компании на ФИТР. Доколку се направи споредба со 2015 година, бројот на поддржани компании од само 30-ина денес брои повеќе од 1.000 проекти и кофинансии во износ од 66 милиони евра. Овој факт говори дека во Македонија има потенцијал за развој на еднорог-стартап, кој од темел ќе го промени начинот на работа.

За создавање еднорог, потребно е да се исполнат одредени предуслови: иновативна идеја, добар тим, добра финансиска подлога и, се разбира, многу знаење и среќа. Еднорозите носат огромни промени за општеството, го менуваат начинот на кој дотогаш се работело или создаваат нови навики во општеството. Во ФИТР целосно сме посветени на изградба на капацитетите на македонскиот бизнис-сектор и имаме спремни компании за кои има сериозен интерес за вложување од странски фондови и финансиери. Горди сме на многу иновативни бизниси што се предводени од млади, амбициозни претприемачи, кои со храброст и визија секојдневно покажуваат дека нашата земја има потенцијал и услови за развој на успешни бизнис-приказни. Една од нив е „Пиксајл“, која неодамна доби инвестиција од 1 милион евра од „South Central Ventures“ за проект за унапредување на софтвер базиран на ВИ за потребите во модната индустрија. Понатаму, „Синапсе авиејшн“ има развиено иновативно софтверско решение „Airport Briefing“, прв ваков производ во глобалната авијациска индустрија. Имаме многу успешни проекти кои покажуваат дека иновацијата не познава граници – ја има во сите сектори и сфери, но покажува и дека во нашата земја има потенцијал за развој на еднорози. Во ФИТР целосно сме посветени на поддршка за сите млади стартапи и нивни идеи, кои еден ден ќе го променат или подобрат нашето секојдневие.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...