Прекршочните казни за маркетите се изречени од причина што во нив немало количини или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата, укажаа денеска во соопштение претставниците на синџирите маркети при Стопанската комора.
Тие велат дека во продавниците има количини овошје и зеленчук колку што доставуваат добавувачите, односно дека не се во можност да продаваат производи доколку добавувачот не им ги дистрибуира. Истакнуваат дека во ниту еден случај не ја прекршиле одлуката на Владата и апелираат до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои, како што велат, ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството.
Од Комората наведуваат дека претставниците на домашните синџири на маркети трговци со прехранбени производи на мало ја поздравија владината одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврската на трговците да прибавуваат и да им продаваат на потрошувачите определени видови и количества од одделни стоки, истакнувајќи дека, со заеднички напори на Владата и на Министерството за економија, учествуваат во примената на мерките за намалување на енергетската криза и за ублажување на порастот на цените. Но, стои во соопштението, поврзано со објавите во повеќето електронски медиуми за изречените парични и кривични казни за непочитување на владината одлука за замрзнување на цените на одредени видови овошје и зеленчук, компаниите информираат дека од Пазарниот инспекторат биле извршени контроли во повеќето маркети во изминатите неколку денови. Информацијата дека се изречени прекршочни казни е точна, а казните се изречени од причина што во маркетите немало количини или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата.
Откако министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека повеќе трговци ќе бидат санкционирани поради непочитување на одлуката за замрзнати цени, повеќето домашни синџири на маркети, тврдат од Комората, се јавиле со појаснување дека до маркетите немало доставено количини или немало воопшто од овошјето и од зеленчукот кои се опфатени со мерките на Владата.
И покрај сите направени напори од нив, нарачки и контакти со добавувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количини на овошје и на зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по оние цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат. Претставниците на синџирите на маркети, со најдобра намера за да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, а истовремено и за да ги исполнат одлуките на Владата, не се во можност да продаваат производи доколку добавувачот не им ги дистрибуира. Оттука, трговците на мало со прехранбени производи упатуваат апел до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството, соопштија од Стопанската комора.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.