Македонија

Владата ги замрзна цените на 11 видови овошје и зеленчук

03 Apr 2023

Од задутре па до крајот на април, 11 видови овошје и зеленчук ќе имаат највисоки лимитирани цени по кои ќе може да се продаваат, најави денес на прес конференција министерот за економија, Крешник Бектеши.

Свежите домати нема да може да се продаваат по цена повисока од 70 денари за килограм, свежите краставици ќе може да се продаваат најмногу 70 денари за килограм, цената на кромидот најмногу 60 денари, карфиолот најмногу 70 денари, зелените пиперки најмногу  90 денари, гравот најмногу  75 денари, леќата не повеќе од 110 денари, бананите најмногу 70 денари, портокалите најмногу 55 денари, мандарините најмногу 60 денари, а лимоните не повеќе од 55 денари за килограм

Сакам да ги уверам граѓаните дека согласно сите информации на Министерството за економија согласно сите анализи, цените на сите производи посебно на енергентите се целосно стабилизирани и имаме надолен тренд, споредбено со претходните месеци, како и со претходната година, но секако ќе ги почекаме податоците на Државниот завод за статистика, кои ќе бидат објавени на 7 април, кажа Бектеши. 

Според него,  маржите на овие производи достигнувале и од 200 до 250 отсто во текот на март. Тој исто така посочи дека на табелата се гледаат и просечните увозни цени, по кои овие производи биле набавувани, како и други важни податоци кои влијаеле на владината одлука.Овие цени важат за сите, како за маркетите, така и за пазарите. 

Извор: Министерство за економија 

Тој рече дека табелата која ја изработи Министерството за економија може во детали да се види колку биле просечните увозни цени на овие 11 производи од 15 до 28 март, која била најзастапена цена во малопродажба до 21 март и симулации кои се направени со маржи од 20, 30 и 40 отсто од цената која била увезена.Дополнително на тоа, имајќи во предвид дека сме разговарале со сите производители на овошје и зеленчук во нашата држава како и со сите трговци на овие производи генерално овие производи имаат кало или растур од 10 до 30 отсто во зависност од производот и затоа одлучивме да одиме со највисоките цени кои се малку повисоко од оние со маржа од 40 отсто. Разговаравме и во делот на намалување на царините. Сите увозни цени се калкулирани со вградена царина, затоа не стои образложението дека се плаќаат  зарини од 30 или 40 отсто па затоа цените се зголемени. Не е вкалкулирано само ДДВ-то од пет отсто, рече Бектеши повикувајќи ги сите трговци на овошје и зеленчук целосно да ја почитуваат одлуката.

Казните за непочитување на одлуката се од 800 до 10.000 евра зависно од големината на субјектот.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, рече дека имињата на фирмите кои до сега ги прекршиле одлуките за замрзнување на цените ќе бидат објавени по завршување на постапката. Констатирани се неправилности, доставени се прекршочни платни налози кои треба да се платат во рок од осум дена, но не се платени се уште и затоа е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд“, рече Трајковски, прецизирајќи дека има 20 прекршочни постапки, како и дека непочитување на одлуките имало во Кичево, во Охрид, Битола…

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се контролираат зелените пазари имајќи предвид дека немаат фискални сметки, Трајковски рече дека ДЗР ќе настапи координирано и со другите институции како што се УЈП и МВР и заеднички ќе ги вршат надзорите и на пазарите.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...