Македонија

„Тиквеш“ стана дел од групата водечки светски винарници за борба против климатските промени

03 Apr 2023

Винарската визба „Тиквеш“ се приклучи кон групата „Меѓународни винарници за борба против климатските промени“ (IWCA - Interational Wineries for Climate Action). Во оваа група членуваат 40 водечки светски винарници од 10 земји на пет континенти.

Сите членки се влијателни винарници во своите региони, лидери во активностите за заштита на животната средина и природните ресурси и имаат научно-базиран пристап во намалувањето на јаглеродните емисии и нивното влијание врз климатските промени. 
IWCA е партнер на Обединетите Нации и деновиве ги објави новите членки на групата, меѓу кои се две познати американски винарници - Opus One Winery и Ste. Michelle Wine Estates, како и „Тиквеш“, како прва винарница од Југоисточна Европа и од Македонија.

Во официјалната објава за проширувањето на организацијата со трите нови членки, „Тиквеш“ е опишана како „винарница основана во 1885 година, во регион со вековна традиција и со совршени природни услови за производство на вино, со топли и страсни луѓе и жива, автентична култура. Со позитивното влијание што го остварува во општеството и врз животната средина, „Тиквеш“ го трасира патот за целата македонска винска индустрија“.

Приклучувањето на „Тиквеш“ кон оваа група водечки светски винарници е резултат на нашата досегашна стратегија, вложените напори и заложби за имплементација на светските практики и стандарди за одржлив развој. Сакаме на светот да му го претставиме најдоброто од македонскиот тероар, прикажувајќи ги притоа боите, вкусовите и богатото наследство на Македонија. Наша обврска кон идните генерации е да ги намалиме емисиите и да обезбедиме одржливост на нашите вина. Истовремено, членството на „Тиквеш“ во оваа организација треба да биде мотив за останатите винарници и дополнителен поттик за нас да работиме уште попосветено за да станеме првата зелена винарница во овој дел од светот, изјави претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски.

Винарниците од целиот свет што членуваат во IWCA се препознаени како лидери во борбата против климатските промени кои се идентификувани како најголема закана со која се соочува светот, а особено земјоделството, вклучувајќи ги лозарството и винската индустрија. Членството во IWCA на „Тиквеш“ ќе му овозможи да има пристап до најдобрите стратегии и светски практики за намалување на емисиите на стакленички гасови, но истовремено и да ги споделува со останатите винарници ширум светот сопствените позитивни искуства и активности што ги презема за намалување на јаглеродниот отпечаток и за постигнување поголема одржливост, соопштија од винарницата. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...