Вкупно дванаесет македонски винарници ги претставија своите вина на „Провајн“ – најголемиот вински настан во светот, кој се одржа од 19 до 21 март 2023 во Дизелдорф.
Ова е еден од најпрестижните саеми во светот кадешто компаниите воспоставуваат и одржуваат деловни односи со меѓународни соработници и увозници. На овој саем се претставуваат извозно ориентирани винарници, чие производство ги задоволува потребите за пласман на странските пазари во однос на квалитетот на виното и бараните количини.
Бројните посетители искажаа задоволство и интерес за понудата и квалитетот на нашите вина кои беа изложени на заедничкиот штанд. Таму беа присутни вината на „Тиквеш“, „Tikves Cheataux&Domaines”, „Стоби“, „Камник“, „Бовин“, „Венец“, „Шато Сопот“, „Милев“, „Далвина“, „Езимит“, „Попов“ и „Имако“.
Ова се само дел од нашите извозни компании кои се вистински амбасадори на нашата држава. Над 80% од произведеното вино се извезува додека вредноста на извезеното вино во 2022 е околу 58 милиони евра со што виното е значаен учесник во трговската размена и придонесува кон економскиот развој на државата. Од година во година расте учеството на извезено вино во шишиња на сметка на наливното вино, расте просечната цена на извезен литар, што значи дека напорите за промена на стратегијата на секторот вродуваат со плод и се гради имиџот на државата како винска земја, соопштија од здружението „Вина од Македонија“.
Во официјалната програма на саемот нашите вина од сортата Вранец беа претставени на мастеркласот „Вранец: Откривање на најдобро сочуваната тајна во винскиот свет“ презентиран од страна на Керолајн Гилби (Caroline Gilby) Master of Wine.
Заедничкиот штанд и претставувањето на овие винарници беше организирано од Здружението „Вина од Македонија“, со финансиска поддршка од винариницте и од Министерството за земјоделство. На саемот годинава присуствуваа 49.000 посетители од 141 земја кои имаа можност да посетат околу 6.000 изложувачи од повеќе од 60 земји. Повеќе од 65 отсто од посетителите беа лица кои се вклучени во набавки на вино. Преку богатата програма на различни содржини, дегустации и мастеркласови, производителите на вино и алкохолни пијалоци ги приближија своите понуди на бројните купувачи, дистрибутери и увозници.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.