Сè поголем е бројот на компании што се жалат дека многу тешко наоѓаат работна сила, за што недостигот на годишно ниво изнесува околу 10 илјади работници.
Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи истакнувајќи дека најмногу кадри фалат во градежништвото и во хотелиерството. Тој рече дека примарно е работници да се вработат од тука, но дека се прават обиди да се обезбедат работници од други земји без оглед од каде доаѓаат. Но, токму од градежниот сектор како и хотелиерството се гранки од каде работници од земјава најмногу заминуваат во странство, па оттука е нејасно како ќе се привлечат работници да дојдат во држава од каде овдешната работна сила бега во странство.
Секако, бегаат за повисоки просечни плати, просечната плата кај нас стигна 550 евра, платата за која одат да работат е 1.100 евра, а земјите од каде ќе доаѓаат најверојатно работници во рударство па и во градежништво е просечна 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро, вели Фатмир Битиќи.
ВД амбасадорот на Германија во земјава Ото Граф кој со германска бизнис-делегација од Источниот комитет на германското стопанство имаше средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој рече дека германските компании ја гледаат Македонија како добра можност за инвестирање, но забележа дека мора да се олеснат бирократските процедури. Во однос на работната сила тој напомена дека сите треба да дадат придонес и Владата и образовните институции и германските претпријатија.
На средбата се разговараше за унапредување на економската соработка. Германија е наш главен извозен пазар, а од друга страна повеќе од 200 компании со германски капитал во кој работат околу 20 илјади луѓе имаат бизнис во Македонија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.