Македонската економија ќе се раздвижува со увоз на работници од странство. Пазарот ќе се либерализира, но дали целосно или таргетирано, се уште е отворена дилема, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.Фокусот во старт, посочува Битиќи во интервју за „Дојче веле“, е регионот на Западен Балкан. Идејата е да се зголемат и годишните квоти, а ако има потреба и општа согласност, да се таргетираат и трети земји.
Точно е дека се уште постои висока стапка на невработеност која изнесува 14 отсто и е со тренд да се намалува во наредниот период, но соочени сме и со сериозен одлив на кадар од државата.Овој тренд е присутен не само кај нас, туку во сите земји од Западен Балкан и се должи на она што се случува и во земјите од Европската унија, како Германија, Франција, Белгија, кои ги отвораат пазарите на труд, но исто така имаат и миграција на работници во трети земји, вели Битиќи.
Ние како Западен Балкан,посочува, немаме таква миграциска политика за да кажеме кон кого се отвораме.
Но првиот исчекор го направивме пред година и половина со иницијативата „Отворен Балкан“. Дел од овој процес се и законските решенија за единствен идентификациски број на трите земји Србија, Северна Македонија и Албанија, што е поврзано со една од вредностите на Европската унија, а тоа е мобилноста. Да може работната сила полесно да доаѓа. Извештајот на ОЕЦД покажува дека интрамиграциските движења во Западен Балкан се на ниво на 15 отсто од вкупното миграциско движење. Постоело и претходно, постои и сега, ама ние сакаме да го артикулираме уште повеќе за да ги искористиме сите потенцијали од Западен Балкан, затоа што и културолошки сме поблиски. Луѓето многу полесно ќе се движат и снаоѓаат на пазарот на труд, појаснува Битиќи.
Порачува дека не би требало да имаме привилегирана земја кон која ќе се насочиме и затоа, како што вели, неделава ќе се разговара детално со стопанските комори, организацијата на работодавачите, за да се види што, каде и колку ни е потребно. Според него, има одредени сектори кои покажуваат преголема ранливост, како на пример градежништвото, угостителството и туризмот како најпогодени. Прво треба да се идентификуваат сите сектори и да се воведат правила. Нема да дозволиме во одредени сектори 90 отсто од работниците да бидат увезени, а 10 отсто да бидат наши. Мора да има приоритет јавниот интерес и секако заштитата на нашите граѓани е на прво место. Ние можеме да обезбедиме да донесeме, да помогнеме, но не да бидат тие носечки кадри. Со стратегијата на носење на работна сила, да се зголеми конкурентноста, а тоа е прв момент кон зголемување на продуктивноста, вели Битиќи.
Во нашата земја, како што истакнува, веќе имаме работници од Индија кои работат во автоиндустрија и во секторот за информатичка технологија. Исто така и во делот во градежништвото имаме работници од источна Турција, а на автопатот Кичево кон Охрид каде се ангажирани работници од Кина
Според него, подобро е да има 100 евидентирани и лесно контролирани работници со сите заштитени човекови права, отколку 100 илегални кои не се заштитени. Пазарот на труд годишно бара 10 до 15 илјади места. Пред кризата стигнавме и до 25 илјади во една година. Но заради кризата се намали, во моментов имаме потреба за 9.000 работни места кои се бараат на пазарот на труд, но најголем дел од оние што ги имаме како активни баратели се со вештини и знаења кои не одговараат на потребите. Но јас лично не се откажувам од активните баратели на работа, тоа се наши сограѓани, евидентирани и се стремам кон нив да се доквалификуваат, преквалификуваат за потребите на пазарот на труд во кој би биле подобро платени. Меѓу нив можеби има и некои со магистерски студии, но тие не одговараат на потребите. Затоа сметам дека овој процес продолжува, нагласува Битиќи.
Извор: Дојче веле
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.