Фондот за иновации и технолошки развој(ФИТР) го објави новиот јавен повик „Со дигитална трансформација до иновација” кој се реализира во соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка и ИНОФЕИТ ДИХ.
Повикот е наменет за мали и средни претпријатија од земјоделско - прехранбениот и туристичкиот сектор, со цел да се овозможи зголемување на иновативноства и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење. Истовремено, предизвикот има за цел да овозможи зајакнување на капацитетите на дигиталните иновациски хабови како дел од екосистемот неопходен за понатамошна дигитална трансформација.
Вкупниот буџет на предизвикот изнесува 18.450.000 денари, од кои 12.300.000 денари обезбедува Фондот, а остатокот го обезбедува ИМЕ. Фондот обезбедува финансирање до 70% од вкупниот буџет за проектот за микро или мало претпријатие, односно до 50% вкупниот буџет за проектот за средни претпријатија, во максимален износ од 1.845.000 денари.
На овој предизвик се поттикнуваат претпријатијата да достават предлог проекти за развој, имплементација и одржување на дигитални решенија кои преку дигитална трансформација ќе доведат до развој на иновативни производи, процеси и услуги кај претпријатијата. Избраните проекти ќе бидат презентирани и достапни за млади на возраст од 15 до 25 години, преку најмалку една бесплатна обука организирана од страна на добитникот на финансиска поддршка. Дигиталните решенија можат да бидат базирани на вештачка интелигенција, виртуелна реалност, автоматизација, роботика, интернет на нешта, веб базирани решенија и други решенија.
Критериумите кои треба да ги исполни апликантот се: да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, годишните приходи на натпреварувачот да не надминуваат 10.000.000 евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години, просечниот број на вработени да не надминува 250 вработени и итн. На овој предизвик, особено се охрабруваат да аплицираат претпријатија во сопственост или управувани од жени или млади лица до 29 години.
Во однос на активностите на предлог проектот, треба да вклучуваат: активности за истражување и развој, воведување и тестирање на нов производ, услуга, или процес како резултат на дигиталната трансформација кај натпреварувачот и итн. Сите пристигнати предлог проекти се оценуваат од страна на Комисија за оценување и избор која се состои од пет членови и тоа: тројца членови – надворешни експерти од областа на предизвикот и по еден член – претставник на партнерската организација и Фондот. Како критериуми врз основа на кои ќе се врши оценувањето се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал на пазарот и влијание.
Сите заинтересирани можат да аплицираат најдоцна до 20 март 2023 година, до 14:00 часот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.