Предлог на Закон за измени и дополнувања на Законот за данок на добивка наместо да создаде услови за правично оданочување предизвикува сериозен удар врз малите и микро фирми, го загрозува нивниот опстанок, а предизвикува и стимулирање на даночна евазија, соопштија од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Со укинување на постојното ослободување од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход на субјектите со остварен вкупен приход во годината до 3.000.000 денари, како што се предлага со законските измени, се создава дополнително даночно оптоварување за околу 50.000 деловни субјекти што не е во духот на првично оданочување.Концептот на правично оданочување значи дека во даночниот систем треба да бидат опфатени нерегистрираните субјекти кои сега работат во сивата зона и не плаќаат никакви давачки, со што ќе престанат да бидат нелојална конкуренција на микро и малите деловни субјекти кои пак се значајна алка во економскиот еко систем. Со цел заштита на опстанокот на микро и мали деловни субјекти бараме да не се укинува досегашното ослободување од данокот на добивка на оние кои имаат промет до 3 милиони денари, како би можеле да продолжат да работат непречено, соопштија од ССК.
Втора клучна забелешка на истиот предлог закон е одредбата со која се предвидува обврска за плаќање на петкратен износ на данокот во случаите кога даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста. Овој начин на правно регулирање на постапката остава простор за субјективно одлучување и казнување, намалување на инвестициите кај компаниите, можност за коруптивни активности како и значајно дестимулирање за инвестирање и проширување на капацитетите кај даночните обврзници. Законското решение кое се предлага нема развојна димензија, не кореспондира со разумни одлуки, особено кога е оставено на дискреционо право на даночен инспектор по негово видување да утврди дали тие инвестиции се за развојни цели на даночниот обврзник или не.
Дополнително би сакале да истакнеме дека ваквите и слични законски или предлог законски одредби создаваат нејаснотии и несигурност во работењето кај даночните обврзници со што значително се зголемува правната несигурност во нивното функционирање. Сојузот на стопански комори на Македонија е на став дека казнените одредби треба да се водат согласно законот кој ги уредува прекршоците и истите се веќе уредени во материјалниот Закон за данок на добивка. Забележуваме и дека предлогот за законски измени не беше воопшто објавен на Електронски национален регистар на прописи, а измените се носат во брз постапка без да се остави период на прилагодување и соодветно планирање од страна на компаниите. Водејќи се од ветувањата и заложбите на владата за главните цели на даночните реформи, кои се однесуваат на обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, сметаме дека двете спорни одредби од предлог законот треба да бидат отстранети, додаваат оттаму.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.