Македонија

Перица Спировски: Тешка година за сите

30 ное 2022

Набрзо завршува годината, но проблемите продолжуваат. Трошоците зголемени, маржите на минимум, буџет за развој речиси и да нема.

Перица Спировски, директор за продажба во „Атлантик“

Сите се во грч, во паника... Каде е решението, која е формулата?

Според мене, формулата е преструктурирање. Позитивен пример дава Словенија која на почетокот на кризата наметна насока граѓаните да купуваат словенечки производи за да се стимулира домашното производство, да се подобрат домашното земјоделство и индустрија. Ако се постапи и сега така, не само што домашните компании ќе можат да го преживеат периодот кој следува туку и ќе можат да инвестираат во нови капацитети.

Освен кризата, домашните производители ќе се соочат и со предизвикот наречен Отворен Балкан. Според мене, тие ќе бидат најранливи. За кратко време компании од регионот кои ќе бидат субвенционирани од своите држави ќе настапат на македонскиот пазар, ќе станат поконкурентни од домашните и ќе бидат причина многу од помалите да стават клуч.

Во „Атлантик“ сме подготвени и го предвидовме сето тоа. Затоа инвестиравме во нови машини за производство на тестенини. Таа одлука ја донесовме за македонскиот производ, како нашиот, да им парира на светски познати брендови. И тоа не само со цена, туку и со квалитет, станувајќи нешто со што Македонија ќе се гордее. Дополнително, инвестицијата ни овозможи да го зголемиме капацитетот на производство на приватните трговски марки за најголемите синџири маркети.

Се надевам дека сево ова ќе заврши и ќе се искристализира домашниот пазар со тоа што ќе опстанат компаниите кои разумно ги трошеле средствата и се преструктурирале за кризниот период.

Но и ние, како и повеќето домашни компании, не сме во можност да планираме количества за производство, а воедно и да ги задржиме тековните понуди кон нашите клиенти бидејќи секоја набавка на суровини и репроматеријали ни пристигнува со нови повисоки цени. Голем проблем е што кај некои од клиентите наоѓаме разбирање, но кај повеќето има негативна реакција.

Исто така, сведоци сме, особено видливо во секторот продажба, за пролонгирање на валути, несервисирање на достасани средства. Реално, ова навистина отсекогаш се случувало, но последниов период е алармантно. Многу компании поради достасани побарувања ги блокираат своите клиенти за испорака на стока, а со тоа сите се доведуваме во lose-lose ситуација.

Се надевам дека сево ова ќе заврши за краток период и ќе се искристализира домашниот пазар со тоа што ќе опстанат компаниите кои разумно ги трошеле средствата и се преструктурирале за кризниот период.

Но, од сево ова мораме сите да извлечеме поука, а воедно и да бидеме подготвени за тоа што е следно!

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...