Македонија

Конференција на М6 Едукативен центар: Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?

24 Nov 2022

 Повеќе од извесно е дека македонската економија се наоѓа во период на голема неизвесност. Енергетската криза којашто ја зафати Европа се пренесе врз македонската економија, а фактот што земјата е нето увозник на храна ја прави нејзината ранливост на последиците од екстерните шокови уште поголема. За надминување на оваа состојба, неопходно е да се креираат мудри економски политики и да се спроведат структурни реформи кои ќе ја направат македонската економија поотпорна на шокови и кризи и истовремено ќе ја подготват за новиот глобален поредок што се создава.

Ова се дел од главните поенти во излагањата и дискусијата на учениците на конференцијата на тема „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“, што ја организираше М6 Едукативниот центар, во рамки на проектот „М6 Чекор Напред“.
На конференцијата учествуваа голем број претставници од институциите, академската заедница, политичките чинители и бизнисот. Воведни излагања имаа: министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ги претстави контурите на државниот буџет за следната година и среднорочната фискална стратегија на земјата, како и претставници од Светската банка, Јасмин Чакери и Сања Маџаревиќ Шустер, кои подетално се осврнаа на предизвиците пред кои е исправена домашната економија и чекорите што треба да се преземат за нивно полесно надминување. Во своето обраќање, главниот економист на Народната Банка Анета Крстевска ги претстави најновите макроекономски проекции на централната банка за македонската економија, а професорката Маја Кадиевска Војновиќ зборуваше за факторите кои влијаат за ранливоста на македонската економија во услови на криза.

По воведните излагања следуваше панел дискусија во која своите согледувања и прогнози за влијанието на инфлацијата и енергетската криза врз работата на компаниите во земјава ги дадоа: претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, претседателот на управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, претседателката на Македонската Банкарска Асоцијација, Маја Стевкова Штериева и извршниот директор на „Витаминка“ Сашо Наумовски, кои истовремено понудија и можни излезни решенија од тешкиот период во којшто се наоѓаме.

Во вакво неизвесно опкружување, кога анализите на сите релевантни институции не се оптимистички, улогите и одлуките на носителите на економските политики треба да бидат мудри, со цел предизвиците со кои се соочуваме да се претворат во предност и да донесат бенефит за опстанок и развој на земјата. Одлуките треба да направат преобразба – еволуција на слабост во јакост, еволуција на загубата во профит, еволуција на ризикот во успех. Накратко, на нашата земја и е неопходна еден вид ‘дијалектичка еволутивна економија, рече извршната директорка на М6 Едукативниот центар, Елена Младеновска Јеленковиќ, потенцирајќи дека целта на оваа конференција е да даде придонес во креирањето на поширок општествен консензус околу правците по кои треба да се движи земјата барајќи излез од моменталната криза. 

„М6 Едукативен центар“ годинава одбележува 15 години од своето основање. Во својата мисија за трансформација, минатата година го започна проектот „М6 Чекор Напред“ како платформа преку која се дискутираат и се нудат предлог решенија за темите и предизвиците кои го допираат секој елемент од развојот на општеството, компаниите и граѓаните на Македонија и регионот, преку едукација и совети од еминентни лица од светот на политиката и економијата.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...