Македонија

Bela Voda на „Тиквеш избрано за најдобро македонско вино на еден од најголемите европски натпревари

18 Oct 2022

На три реномирани интернационални вински натпревари кои изминатиот период се одржаа во Германија, Велика Британија и Австрија, вината на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија 23 медали и една специјална награда за најдобро македонско вино. Со овие награди, вкупниот број на освоени медали и признанија од почетокот на годинава се искачи на речиси 100, со што „Тиквеш“ одново ја потврдува лидерската позиција на винскиот пазар и континуираниот стремеж да го понуди најдоброто за потрошувачите, соопштија од винарската визба. 

Конкретно, на еден од најголемите европски натпревари „Мундус вини сумер тастинг“, кој се одржува во Германија, Bela Voda white 2021 освои златен медал и специјална награда за најдобро македонско вино. Златни медали добија и Terrasse au Soleil 2021 и Barovo red 2019, додека на Bela Voda red 2019 му беше доделен сребрен медал.

На натпреварот „Аустриа вајн челинџ Виена 2022“ пак, пет вина освоија златни медали и тоа: црвените Barovo, Bela Voda, Vranec Luda Mara и Terrasse à l’Ombre од бербата 2019, како и белото Sauvignon Blanc Barovo 2021. Сребрени медали освоија Domaine Lepovo Chardonnay 2021, Bela Voda white 2021, Barovo white 2021 и Alexandria Cuvée rose 2021.

На престижниот „Интернешнл вајн анд спирит компетишн 2022“, кој се одржа во Лондон, беа освоени 10 медали, при што сребро беше доделено на Vranec Luda Mara 2019, додека бронзен медал освоија црвените вина Alexandria Cuvée 2020, Barovo 2019, Vase de Pierre Château de Gourdon 2018, Terrasse à l’Ombre Château de Gourdon 2019 и Domaine Lepovo Grand Cuvée 2019, како и белите вина Bela Voda 2021, Sauvignon Blanc Barovo 2021 и розе виното Alexandria Cuvée 2021. Покрај вината, на овој исклучително конкурентен натпревар бронзен медал освои и жолтата лозова ракија VS. 

Вината на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domainеs“ веќе со години се најтрофејни во Југоисточна Европа , што претставува значајна конкурентска одлика помеѓу производителите на вино. Воедно, освојувањето на овие признанија има големо значење за јакнењето на угледот на Македонија како винска земја во глобални рамки, како и за пробивот на вината на „Тиквеш“ и на останатите македонски вина на светските пазари, велат од „Тиквеш“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...