Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) на идните состаноци на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе инсистира на поврзување на контролите што се прават на посебната лента, воведена на граничниот премин „Табановце“ за премин на товарни возила за овластените економски оператори, со цел да се намали метежот и времето на чекање.
Билјана Пеева-Ѓуровска, оперативен директор во СКСМ, на денешната прес-конференција истакна дека е потребно поврзување за да има една контрола, а соодветни податоци да имаат и македонските и српските служби. Тоа, како што вели, драстично ќе го намали времето на чекање, односно процесирањето на документацијата и преминување на граничниот премин.
Мора да има поврзување на системите. Сега физички тие се кабина до кабина, но тоа не значи дека контролата ја прават заедно. Суштината на спроведувањето на заедничките контроли подразбира дека ако еден камион е исконтролиран од страна на една служба, зависно дали е влез или излез, од македонска или од српска, со тоа процесот да заврши, а не проверката да биде и од двете страни, рече Пеева-Ѓуровска.
Следењето на протокот на возила на граничниот премин „Табановце“ што го спровела Комората во јули и август годинава покажало дека во тој период имало фрекфенција на 60.000 транспортни возила, без товарните во транзит. Утврдено е дека колоните со товарни возила биле секојдневие, во повеќето денови долги околу два километра, со 30 до 40 транспопртни возила на преминот. За влез во државава чекањето изнесувало два до три часа. Посебната лента за возилата од „Отворен Балкан“ не функционирала во јули, а во август била во функција со исклучок на неколку дена. Покрај регистрираните двојни постапки за увоз и извоз на македонската и српската граница поради неугласеност на системите, како и двојни проверки и пред органите за внатрешни работи, утврдени се и проблеми со прекини во снабдувањето со струја, недостиг на соодветни ленти, нефункционалност на вагите за мерење, неусогласеност на работното време на Царинскиот терминал и инспекциските служби.
По укажување од СКСМ посебната лента за премин на товарни возила за овластените економски оператори од „Отворен Балкан“, т.н зелен коридор, која во услови на зголемена фреквенција особено во текот на летото главно се користеше за патнички автомобили, целосно е ставена во функција за товарните превозници. Направена е и пренамена на две ленти што се користат за излез од земјата кога има метеж да се користат за влез во земјата од патничките автомобили за да не го блокираат преминот за непречено функционирање на двете ленти што исклучиво се наменети за товарните превозници.
Пеева-Ѓуровска најави дека за околу две недели треба да биде надминат проблемот со секојдневните прекини на снабдувањето со струја на граничниот премин во траење од по 15-ина минути, а од кои целиот систем се блокира, не работат службите и вагите за мерење и има реалкции од транспортерите. Се работи на замена на делови и воспоставување на целосна функционалност на трафостаницата. Ќе организираат и дополнителен состанок со Агенцијата за храна и ветеринарство и Фитосанитарната управа, шпедитерите и извозниците за да се утврди кои се клучните проблеми за функционирањето на инспекциските служби на граничниот премин, пред сè, во делот на соодветна екипираност, работното време и процесот на прием и обработка на документите.
Комората укажува и на потребата од целосно динамизирање на процесот на целосно воведување на директниот транзит од страна на Албанија, која го нема завршено овој процес како РС Македонија и Србија, што може значително да влијае на брзината на завршување на транзитот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.