Македонија

Димитриевски најавува можна инвестиција на „Лидл“ за логистички центар во Куманово

28 Sep 2022

Во моментов сме во интензивни преговори со компанијата „Лидл“ за да го гради нивниот логистички центар на локација во индустриската зона Новини и Речица во Куманово. Ова денеска го најави градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, на 13-та седница на Советот на општината.

Димитриевски информираше дека за оваа идеја на компанијата „Лидл“ е информирана и Владата.

Се обидуваме да најдеме начин во оваа локација да ги окрупниме парцелите, бидејќи се работи за огромна површина, некаде околу 20 хектари земјиште на кое треба да биде изградена логистички центар за инвестиција од приближно 75 до 80 милиони евра, што сериозно ќе влијае на кумановското стопанство. Нивните пресметки кажуваат дека само на таа локација дневно ќе се движат околу 150 товарни возила и ќе дава огромна логистичка поддршка самиот центар, а ќе бидат вработени некаде до 300 луѓе, рече Димитриевски.

Тој истакна дека веќе има добиено две писма со намера за инвестиција од страна на компанијата „Лидл“ во Куманово.

Постои работна група во општината која работи директно, разговара и преговара за да се постигнат посакуваните резултати. Треба да се оформи парцелата, самото земјиште кое иако е урбанизирано, е на користење на фирма која се занимава со земјоделство. Ја завршивме таа постапка, сега имаме мали проблеми со заштитниот зелен појас во рамки на парцелата, но верувам дека оваа за нас многу важна инвестиција ќе се реализира. Ако последната продажба на земјиште беше 15,7 евра за метар квадратен, а сега треба да се продадат 200 илјади квадратни метри, пресметајте колку пари ќе влезат во буџетот на Општина Куманово која добива 80% од тие средства. Тоа е една сериозна основа за следните капитални инвестиции за развој на градот, потенцираше Димитриевски.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...