Компанијата за здрава храна „Виталиа“ го зајакна своето влијание во Африка, со тоа што ја прошири својата дистрибутивна мрежа до далечните Буркина Фасо и Руанда. Од месецов, производите на „Виталиа“ ќе бидат достапни во овие земји, позиционирани на полиците на супермаркетите, во категоријата на здрава и функционална храна.
Со додавањето на Буркина Фасо и Руанда кон дистрибутивната мрежа, брендот на „Виталиа“ отсега ќе биде присутен на околу 60 интернационални пазари, меѓу кои се земјите од Европската Унија, Азија, Блискиот исток, Австралија, Сејшели, Либан и други.
Потрошувачките навики во овие две земји значително се разликуваат од оние на кои сме ние навикнати, а како најголеми причини за тоа може да се издвојат географската локација, климата и домашната економија. Буркина Фасо е земја која се наоѓа на западниот дел од континентот Африка, која има популација од 22 милиони жители и динамични прехранбени навики кои во последните години брзо се менуваат. Со брзата урбанизација, консументите во Буркина Фасо се’ почесто се одлучуваат за здрава храна која е богат извор на нутриенти, па оттука житните култури како пченка и пченица, оризот, доматите, како и јаткастите плодови меѓу кои и кикиритките, се редовно дел од националната кујна, изјави Марија Арнаудова, нутриционист и дел од развојниот тим на „Виталиа“.
Од друга страна, пак, Руанда е земја со популација од речиси 13 милиони жители, а економскиот стандард е прилично низок. Стандардот влијае на куповните можности, па оттаму и на навиките на потрошувачите. Голем број од популацијата на Руанда страда од малнутриција и има ограничен пристап до квалитетна храна и поради тоа житните култури, компирот и бананите се силно застапени во секојдневната исхрана. Додавањето на производите на Виталиа кон понудата на пазарот во овие две земји ќе донесе повеќе можности и повеќе опции за консумирање на здрава храна исполнета со нутриентите кои им се неопходни на целокупната популација, а особено на децата до 10 години, вели Арнаудова.
Согласно со нивните потреби, пазарите на Буркина Фасо и Руанда ќе добијат разновидна понуда од производите на „Виталиа“. Практично целото портфолио ќе биде застапено на овие пазари, со главен фокус на муслите за појадок, повеќе типови барови, галети, експандиран ориз и овесни колачи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.