Групацијата на месопреработувачи и месни индустрии преку Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) бара да продолжи мерката за ослободување од царина за смрзнато свинско месо наменето за преработка.
Претставници на Групацијата денеска јавно побараа средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, за да ги образложат барањата за продолжување на оваа мерка.
Во спротивно, на краток рок – од 2 до 3 недели во зависност од тековните залихи, најпрвин ќе следува нов ценовен шок од 20 до 30% зголемување на цените на месните преработки од свинско месо, потоа намалување на бројот на вработени за 20 до 30%, а на подолг рок, зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети, изјавија од СКСМ.
Од таму истакнаа дека тие не бараат помош, ниту субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. Според нив, месната индустрија во изминатите четири години докажа дека додека се применува мерката, не е нарушен и не е намален развојот на домашното фармерско производство.
Домашното производство расте, што е видливо од податоците од АХВ и платежната Агенција за субвенции во земјоделство. Увозот на готови производи е намален, почнат е извоз, зголемени се обемот на работење, бројот на вработени и висината на личните доходи во гранката, велат од СКСМ.
Од Комората истакнаа дека годишно преку редовна уплата на придонесите од вработување, директно во буџетот се придонесува со повеќе од 4,5 милиони евра.
Оваа индустрија со важечките царински давачки е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сè, тие од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со 0% царина, а ние, домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаме царина во висина од 20 до 35%. Тоа уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на Отворен Балкан, велат од СКСМ.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.