Македонија

Финансиска поддршка за претпријатија преку „ЕУ за економски раст“

27 Apr 2022

Проектот „ЕУ за економски раст“ објави повик за предлози од постојни микро, мали и средни претпријатија со потенцијал за пораст кои се основани во Северна Македонија.

Грантовата шема е во висина од вкупно 4,5 милиони евра наменети за поддршка во привлекување на инвестиции, надградување на менаџерските, техничките и оперативните капацитети, подобрување на перформансите, зголемување на извозот и профитот, креирањето на нови работни места (особено за луѓе помлади од 40 години, жени и ранливи категории на граѓани). Посебен фокус ќе биде ставен на воведување на нови производи и услуги, придонес кон зелената економија и креирање на мерки за нула загаденост и нула отпад со кои ќе се влијае на намалувањето на негативните ефекти врз животната средина и климатските промени.

Предлог-проектите можат да траат најдолго 18 месеци, висината на грантовите се движи од 50.000 до 300.000 евра, а сумата за која се аплицира ќе покрие од 20 од 50 проценти од вкупниот буџет на проектот.  Концептот за грант се поднесува до 16 мај.

На повикот може да се пријават правни лица кои:

  • согласно критериумите за мали и средни претпријатија имаат помалку од 250 вработени и/или чиј годишен обрт не надминува 50 милиони евра и/или     
  • се основани на територијата на Северна македонија најмалку 36 месеци пред истекот на рокот за аплицирање на повикот
  • имаат канцеларии и вработени во СеверИсточниот, Полошкиот, Југо-Западниот Регион и Преспа (Општина Ресен)
  • имаат доволно технички, финансиски и менаџерски капацитети да го имплементираат предлогот
  • се директно одговорни за подготовка и менаџирање на активноста и не се појавуваат во улога на посредници
  • се вклучени во други активности на проектот „ЕУ за економски раст“
  • ќе поднесат документ подготвен од локална организација за поддршка на бизнисите (на пример план за инвестиции, план за развој и слично) во кој се предлогот е идентификуван како потребен и истиот се препорачува

Целосниот повик може да се најде на следниот линк: GIZ North Macedonia on LinkedIn: Call for Proposals

Проектот е кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно министерство за економија и енергетика, а спроведуван од страна на канцеларијата на ГИЗ – Германското друштво за интернационална соработка во Скопје и Area Science Park од Италија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...