На Институтот по славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта се одржа настанот „Вина од Македонија – вовед во македонската винска култура и традиции“ (предавање и дегустација на македонски вина).
Настанот беше организиран од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, во соработка со Здружението „Вина од Македонија“ од Скопје, а за македонските вински региони и вина зборуваше докторантката Георгина Једиковска.
Једиковска има завршено додипломски студии по лозарство и винарство на Факултет за земјоделски науки и храна при УКИМ, завршила постдипломски студии по хортикултурно инженерство со специјализација по лозарство и винарство при Универзитетот Сент Иштван, Будимпешта, а во моментов е на докторски студии на докторската школа за хортикултурни науки при катедрата за лозарство и винарство на MATE, Будимпешта (Hungarian University of Agriculture and Life Sciences).
На почетокот на своето предавање Једиковска ја претстави Северна Македонија и нејзината винска историја од антиката, па сѐ до денес. Зборуваше за винските региони и нивните специфични карактеристики, автохтоните вински сорти од Македонија и за сортите кои се најзастапени денес. Најмногу внимание од нејзиното излагање предизвика делот во којшто зборуваше за винскиот бон-тон, односно како да се стане професионален дегустатор на вино. По нејзиното предавање присутните имаа можност да пробаа Вранец, special selection од Тиквеш, и Темјаника и Ркацители од винаријата Стоби. На настанот присуствуваа околу 50-тина гости, кои со себе понесоа одлични импресии од предавањето и вината што можеа да ги дегустираат, соопштија од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.
Настанот „Вина од Македонија – вовед во македонската винска култура и традиции“, додаваат, претставува прв од серијата настани предвидени во манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2022“.
Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта во последните неколку години бележи огромен интерес за изучување на македонскиот јазик, бројката на студенти се движи меѓу 35-40 студенти на семестар, се вели во соопштението.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.